Кривична пријава против турски државјанин за обид за убиство во Скопје – му е одреден притвор од 30 дена
Турски државјанин е приведен и против него е поднесена кривична пријава поради обид за убиство, по инцидент што се случил во раните утрински часови на 10 мај на подрачјето на Центар, Скопје.
Единицата за насилен криминал при Секторот за внатрешни работи – Скопје поднесе кривична пријава по брза постапка до Основното јавно обвинителство – Скопје против 35-годишниот У.Х. од Република Турција. Тој се сомничи дека сторил кривично дело „обид за убиство“ по член 123 став 1, во врска со член 19 од Кривичниот законик.
Како што информира МВР, инцидентот се случил околу 01:30 часот наутро, кога У.Х. физички го нападнал 34-годишниот А.С., исто така турски државјанин, нанесувајќи му тешки телесни повреди. Повредениот бил веднаш пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ каде му била укажана медицинска помош.
Напаѓачот бил лишен од слобода неколку часа по нападот, околу 04:00 часот, од страна на полициски службеници од СВР Скопје. По спроведената постапка, судија на претходна постапка му одредил мерка притвор во траење од 30 дена.
Случајот е во понатамошна истрага.