Кристијан Мицкоски од Малта: „Политичарите не сакаат ЕУ – таму не можат да крадат“
Македонски иселеник од Малта, Кристијан Мицкоски, преку видео-обраќање на социјалната мрежа Фејсбук, остро ја критикува политичката елита во Македонија и нивниот однос кон Европската Унија. Според него, токму стравот од транспарентноста и отчетноста што ја бара Унијата е причината зошто дел од македонските политичари ја кочат интеграцијата на земјата.
Во своето видео, Мицкоски направи споредба помеѓу Малта – членка на ЕУ, и Македонија – земја која со години тапка во место на патот кон Унијата. Тој посочува дека во Малта реализацијата на проектите е транспарентна, а јавноста има увид во секоја фаза од трошењето на јавните средства. За разлика од тоа, според него, во Македонија владее систем каде се краде со пари од граѓаните, без одговорност и без последици.
„Да не беше ЕУ, немаше едно ВЦ да изградиме во државава“, вели Мицкоски, нагласувајќи дека многу проекти и реформи во Македонија се иницирани и поттикнати токму од ЕУ. Тој ја обвини политичката елита дека не ги интересираат европските вредности, ниту пак неправдите што доаѓаат од надвор – затоа што, како што рече, тие си имаат свои династии и егзекутори кои ја уништуваат државата одвнатре.
Мицкоски испрати јасна порака: „Ако влеземе во ЕУ, нема да можат да крадат!“ Според него, токму тоа е вистинската причина за отпорот кон европските интеграции – стравот од загуба на моќта и контролата над државните ресурси.
Неговото видео веќе предизвикува реакции на социјалните мрежи и отвора прашања за тоа дали навистина домашниот отпор кон ЕУ доаѓа од лични и криминални интереси, наместо од наводни национални и идентитетски загрижености.