29 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, преку објава на социјалните мрежи ги обвини советниците на ДУИ и ВЛЕН дека со заедничко гласање во Советот на општината го блокирале продолжувањето на повеќе значајни капитални и социјални проекти.
Според Костовски, со ваквото гласање биле оспорени или запрени проекти од големо значење за локалното население, меѓу кои изградбата на нова детска градинка во Бутел 2, реализацијата на водоводна мрежа во селото Љуботен, инвестиции во вредност од еден милион евра во Скопје Север, санацијата на фасадата на основното училиште „Петар Здравковски – Пенко“, како и изградбата на нови улици во Љуботен и Визбегово. Дополнително, како што наведува тој, бил блокиран и проектот за изградба на нов спортски центар кај населбата Ударници во Бутел 1.
Градоначалникот истакнува дека советниците на ДУИ и ВЛЕН гласале и против низа социјални мерки, меѓу кои доделување финансиска помош од 5.000 денари за секое новороденче, помош за ранливи категории граѓани, како и стипендии за најдобрите ученици и спортисти во општината.
Како образложение за ваквото гласање, според Костовски, било наведено дека немало рамномерен развој, но тој нагласува дека дел од блокираните проекти се наменети за средини во кои живее претежно албанско население.
„Нерационалните одлуки доаѓаат од слабост. Граѓаните гледаат и знаат што се случува“, наведува Костовски во својата објава, додавајќи дека нема да прифати политички пазарења и дека процесот на развој на Општина Бутел ќе продолжи без оглед на, како што вели, опструкциите.
Од ДУИ и ВЛЕН засега нема официјална реакција на обвинувањата изнесени од градоначалникот.
Вселенскиот Патријарх ја пофали Бугарија за еврото со ликот на Свети Иван Рилски
Бујар Османи: Албанците се понижувани и заплашувани во државна институција
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

