Кос и Желјазков со заедничка порака: Бугарите во уставот е клучно за европската иднина на С. Македонија
Проширувањето на Европската Унија останува еден од врвните приоритети на актуелната Европска комисија, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос по средбата со бугарскиот премиер Росен Желјазков во Софија. Двајцата лидери испратија јасна порака: Северна Македонија мора да ги спроведе уставните измени доколку сака да продолжи на патот кон ЕУ.
„Во време на глобална нестабилност, заокружувањето на европското обединување е клучно за обезбедување траен мир и стабилност. Проширувањето не е само технички процес, туку стратешка инвестиција во иднината на целиот континент,“ истакна Кос.
Таа ѝ се заблагодари на Бугарија за доследната поддршка на европската перспектива на Западен Балкан и подвлече дека реформите, добрососедските односи и исполнувањето на обврските се суштински предуслови за напредок. Во тој контекст, Кос и Желјазков порачаа дека уставните измени кај Скопје не се политички избор, туку европска обврска.
Премиерот Желјазков додаде дека Европската унија треба да биде отворена, но и принципиелна – „Проширувањето мора да оди рака под рака со почитување на европските вредности и договорите што сме ги потпишале.“
Еврокомесарката Кос истакна дека Комисијата активно работи на поедноставување на преговарачкиот процес и постепена интеграција на земјите-кандидати во клучни европски политики уште пред полноправното членство. Спомна и конкретни проекти како „Планот за раст на Западен Балкан“, кој нуди значајна финансиска поддршка и отвора нови можности за економски развој, поврзување и реформи.
Таа посебно го истакна потенцијалот на регионот за привлекување инвестиции, развој на туризмот и дигиталната економија, при што го спомена проектот за т.н. „зелени линии“, кои треба да го намалат чекањето на границите до 70% – важен сигнал за инвеститорите.
„Денешните лидери имаат историска одговорност – да го завршат процесот на европска интеграција и да обезбедат заедничка иднина заснована на сигурност, слобода и просперитет. За тоа е потребна визија, но и храброст да се направат неопходните чекори – вклучително и уставните,“ рече Кос.
Со оваа порака, Европската комисија повторно потврдува дека вратите на Унијата остануваат отворени – но само за оние кои се подготвени искрено да чекорат по европскиот пат.