12 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Европската унија нема да прифаќа нови членки кои би можеле да ја ослабнат одвнатре, порача еврокомесарката за проширување Марта Кос во обраќањето пред Европскиот парламент, посветено на Извештајот за Стратегијата за проширување на ЕУ.
Кос истакна дека во процесот на проширување нема место за компромис кога станува збор за владеењето на правото, демократијата, основните права и усогласеноста со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.
„Нема тројански коњи. Земјите што би нè поткопале одвнатре не можат да станат членки на ЕУ. Мора да бидеме апсолутно сигурни во тоа. Земјите што ќе се приклучат кон ЕУ мора да бидат силни и отпорни демократии способни да се спротивстават на токсичното влијание на Русија и на другите“, нагласи Кос.
Таа додаде дека граѓаните на Европската унија очекуваат јасни и доследни правила во процесот на проширување, без „скратени патишта“ за реформите. Според неа, фактот што одредени земји во минатото биле сметани за предводници во пристапниот процес не им гарантира посебен статус.
Кос посочи дека во текот на 2025 година значителен напредок во реформите покажале Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија.
„Напредокот мора да биде заработен повторно и повторно преку реформи. Тоа гради кредибилитет, но сите знаеме дека тоа не е лесно. Кога земја-кандидат покажува кредибилен напредок во реформите, и ЕУ мора да ги исполни своите обврски“, истакна таа.
Авторот на извештајот, европратеникот Петрас Ауштревичиус, ги повика институциите на Европската унија да го задржат моментумот на проширувањето и да ги отстранат внатрешните пречки што го забавуваат процесот.
„Проширувањето на ЕУ е директно поврзано со внатрешните реформи на Унијата, со цел да се обезбеди институционална функционалност и поефикасно носење одлуки, особено преку поширока примена на гласањето со квалификувано мнозинство“, изјави Ауштревичиус.
Во Стратегијата за проширување се нагласува и потребата од надминување на билатералните блокади во Европскиот совет и воспоставување пристап кон проширувањето базиран исклучиво на заслуги и постигнати реформи.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

