04 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Поранешниот командант на Ослободителната народна армија (ОНА), Џезаиир Шаќири – познат како Командант Хоџа, остро реагираше по локалните избори во Кичево, осудувајќи ги навредливите коментари кон Фатмир Лимани и потсетувајќи на неговиот и на семејниот придонес во националната кауза.
Во објава на социјалните мрежи, Шаќири напиша дека дебатата по изборите е исполнета со „банални и непотребни коментари“, додавајќи дека поразот во Кичево не треба да се препишува на поединци, туку на политичките структури што, според него, свесно ја изгубиле битката.
„Во моментот кога Фатмир Дехари инсистираше позицијата да ја задржи како своја лична сопственост, а независниот кандидат Шкодран Алили и коалицијата ВЛЕН настапија со Фатмир Лимани, беше јасно дека исходот е веќе познат. И албанските и македонските гласачи беа поделени, што доведе до пораз“, напиша Хоџа.
Тој ги осуди оние што го нарекоа Лимани „предавник“, потсетувајќи дека семејството Лимани дало големи жртви за националната кауза. „Вие што единствениот придонес го давате со лајкови и коментари на Фејсбук, дали знаете дека во време кога повеќето Албанци имаа југословенски пасоши, таткото на Фатмир, Беќир Лимани – херој и маченик, заедно со семејството, водеше опасна илегална активност со децении?“ – праша тој.
Шаќири потсети дека во домот на Беќир Лимани се одржувале средби на Левицата Популаре на Косово (ЛПК), каде се донесувале одлуки за воени активности на Ослободителната војска на Косово (УЧК) пред почетокот на војната. „Беќир Лимани беше убиен на прагот од својот дом, а кај него беше пронајдено големо количество оружје. Фатмир го виде непријателот како му го убива таткото и самиот беше борец на УЧК“, напиша тој.
Во продолжение, Хоџа се потсети и на периодот кога Фатмир Лимани беше затворен. „Додека јас бев војник на УЧК во Јуник, Ѓоцај и Јасиќ во 1998 година, Фатмир дејствуваше во Македонија, во уште потешки услови. Тој беше уапсен, издржа повеќе од пет години затвор и претрпе физички мачења. За тоа ми сведочеше и загинатиот борец Ќемал Шаќири, кој беше во затвор со него“, истакна тој.
На крај, Командант Хоџа апелираше на воздржаност и самокритика:
„Замолчете, не ви доликува да ги нарекувате патриотите предавници, а предавниците да ги возвишувате како патриоти со вашите гласови. Пред да осудувате други, направете пресметка што вие и вашите семејства сте направиле за татковината.“
Назим Рашиди: Време е ВЛЕН да покаже транспарентност, а ДУИ да се реформира
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

