10 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Речиси целиот дел од унгарскиот кредит наменет за македонските компании е веќе потрошен, но јавноста и понатаму нема информација кои фирми ги добиле парите. До овој момент се исплатени 224,3 милиони евра од вкупно 250 милиони евра, соопшти денеска Министерството за финансии.
Последната транша, во износ од 6,9 милиони евра, е префрлена на Развојната банка, која треба да ги распределува средствата преку комерцијалните банки, каде што компаниите аплицираат со свои проекти. Со оваа исплата, преостануваат уште околу 25 милиони евра кои треба да се реализираат во наредниот период.
Од Развојната банка информираат дека очекуваат до април да бидат префрлени сите средства предвидени за поддршка на стопанството. Станува збор за десетта транша од кредитот, за која сè уште нема официјални податоци колку компании ќе ја искористат. Според банката, трансферите во последниот период се забавени, бидејќи поголемите банки веќе ги искористиле можностите за кредитирање на фирмите.
Претходните две транши, исплатени пред Нова година, биле искористени за финансирање на 45 одобрени проекти на домашни компании. Од Развојната банка соопштуваат дека средствата од последната транша се наменети за 2 микро, 24 мали, 6 средни и 13 големи компании.
Најголем дел од парите, односно 10,9 милиони евра, се насочени за инвестиции во градежна опрема. Дополнителни 3,1 милиони евра се одвоени за проекти поврзани со обновливи извори на енергија, додека 177 илјади евра се наменети за инвестиции во транспортни средства. Најмногу средства добиле компании со претежна производствена дејност, односно 23 проекти.
И покрај значителниот износ на средства, останува непознато кои точно фирми земале кредит од државата, која пак се задолжи преку заем од Унгарија. Кредитите за компаниите се одобруваат со каматна стапка од 1,95 проценти, грејс период од три години и рок на отплата до 15 години, при што фирмите мора да обезбедат сопствено учество од најмалку 20 проценти.
Овие средства се дел од вкупниот заем од една милијарда евра што Македонија го доби од Унгарија. Од таа сума, 250 милиони евра се наменети за компаниите, исто толку за локалните самоуправи, додека 500 милиони евра се користат за враќање на стари државни долгови.
Левица: Пратениците повторно испумпале 14,4 милиони денари за патни трошоци
14,4 милиони денари за патување: Пратениците се возат на грбот на граѓаните
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

