Кој ќе не лечи? Лани 2000 медицински сестри заминале од земјава
Меѓународната недела на медицинските сестри годинава повторно го актуелизира алармантниот проблем со одливот на медицински кадар од Македонија. Според податоците од Здружението на медицински сестри „За нас“, само во текот на минатата година, околу 2000 медицински сестри ја напуштиле земјата и заминале кон европските држави во потрага по подобри услови за работа и достоинствен живот. Очекувањата се дека бројката ќе продолжи да расте и во 2025 година.
Основните причини за масовното иселување се ниските примања, недостатокот од можности за унапредување, големата одговорност што ја носат секојдневно и екстремно долгото работно време. Од Здружението порачуваат дека сестрите сѐ уште немаат реален застапник во Министерството за здравство и чувствуваат дека се оставени сами во борбата за основни права и подобри услови.
„Работиме по 12 часа, понекогаш и подолго. Во одделението каде што сум, само две медицински сестри се грижат за 35 пациенти дневно. Тоа е психолошки и физички исцрпувачко. Работата е полна со одговорност, се работи за човечки животи“, вели Хамдије Фетаху, медицинска сестра од клиниката „8 Септември“. Таа додава дека покрај стресот, чувствуваат и голема неизвесност – без гаранција дека трудот и посветеноста ќе бидат вреднувани.
Дополнителен удар за менталната состојба на медицинскиот персонал беше трагедијата во Кочани. Дури по настанот институциите презедоа мерки за психолошка поддршка, преку ангажирање на тимови психолози. Сепак, многу медицински сестри сѐ уште се на боледување, поради хроничен стрес и премор.
Состојбата ја открива длабоката системска криза во здравствениот сектор. Додека медицинските сестри секојдневно се борат за здравјето и животите на пациентите, нивните сопствени услови се далеку од хумани. Доколку државата не преземе конкретни и итни мерки, опасноста од колапс на сестринската служба е сѐ поизвесна.
Секоја година која ќе помине без решенија е уште еден чекор поблиску до критичен недостиг на медицински персонал – реалност што веќе се чувствува во многу здравствени установи низ земјава.