04 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Во подкастот Коридор 8, публицистот и аналитичар Ким Мехмети изнесе остри, но и помирливи ставови за односите меѓу Македонците и Албанците и за тоа како (не) се гради заедничка држава.
Според Мехмети, од актуелните политички и општествени состојби се наметнува прашањето колку Македонците навистина ја сакаат заедничката држава. Тој истакна дека, доколку постои искрена желба за заеднички живот, тогаш треба јасно и гласно да се реагира против појавите на омраза, без разлика од која страна доаѓаат.
„Јас на моите Албанци им велам – кога претерувате, не претерувајте. Во заедничка држава не може да се дозволи некој да повикува на омраза кон своите сограѓани“, нагласи Мехмети, додавајќи дека ваков став ретко слуша од македонски интелектуалци кога омразата доаѓа од македонска страна.
Тој критикуваше и дел од јавниот дискурс во кој, како што рече, Албанците постојано се прикажуваат како оние што „бараат премногу“, било да станува збор за јазични или институционални права. „Постојано слушам што Албанците не смееле да бараат, но не слушам некој да им каже на Македонците – немојте да претерувате. Така не се гради држава“, истакна тој.
Мехмети порача дека Македонија не е ниту Албанија, но ниту држава што може да му припаѓа само на еден народ. Според него, прифаќањето на Албанците како рамноправни сограѓани не е закана, туку предуслов за стабилност и опстанок на државата.
Во таа насока, тој беше особено директен кога зборуваше за, како што го нарече, „албанското прашање“, нагласувајќи дека постојат само две можни решенија: или конфронтација и насилство, или прифаќање на реалноста дека Македонија е мултиетничка држава која не може да биде желба само на еден етникум.
Со своето излагање во подкастот „Коридор 8“, Ким Мехмети повторно ја отвори дебатата за одговорноста на интелектуалците, политичарите и општеството во целина во градењето вистинска заедничка држава, заснована на меѓусебна почит, а не на страв и исклучување.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

