01 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Новинарката Љиридона Вејсели поднесе жалба до Апелацискиот суд на пресудата со која е казнета со 700 евра за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“, откако во новинарски текст го објавила името на судија од Основниот суд во Тетово. Таа оценува дека станува збор за опасен и срамен преседан кој директно ја загрозува слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана.
„Бев казнета само затоа што во рамки на професионално и јавно известување го спомнав името и презимето на судија – носител на јавна функција, кој донел одлука за пуштање лице од притвор. Ова не е заштита на правдата, туку порака за заплашување на новинарите. Ако изнесувањето факти и именување одговорни лица се казнува, тогаш државата не ја штити демократијата, туку молкот“, изјави Вејсели.
Таа повеќе од 12 години се занимава со новинарство, најмногу истражувачко. Шест години го води порталот на албански јазик „paCensure“, а девет години предава новинарство на Државниот универзитет во Тетово. Пресудата против неа ја донела судијката Магдалена Мишоска од Основниот суд во Гостивар.
Според Вејсели, случајот се однесува на тема во која известувала за возрасно лице кое ѝ испраќало порнографски содржини, навреди и закани на малолетничка, со закана дека ќе ги објави нејзините лични податоци и фотографии. По нејзиното известување и соработка со полицијата, осомничениот бил приведен и задржан во притвор, но подоцна бил осуден на само три месеци затвор.
„Јас само информирав дека судијата кој го водел предметот донел одлука за казна од три месеци затвор. Не сум навредувала, ниту сум изнесувала лични податоци надвор од јавниот интерес“, нагласи таа.
Во образложението на пресудата стои дека Вејсели, на 28 октомври 2024 година, без согласност на судијата, објавила видеа на своите профили на ТикТок и Инстаграм во кои го користела неговото име и презиме, со што, според судот, му нанела штета на честа и угледот во професионалната дејност што ја извршува повеќе од 37 години.
Новинарката смета дека оваа пресуда е поврзана и со друга истражувачка тема што ја објавила пред три недели, а се однесува на случај на прегазен малолетник во Гостивар, во кој, како што тврди, возачот бил ослободен од одговорност.
„Постојано сум под притисок. Секојдневно добивам закани со тужби. Воопшто не се чувствувам слободно. Во Тетово и Гостивар не е како во Скопје – овде не сакаат новинари и јавност во судовите“, вели Вејсели.
На пресудата реагираше и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која изрази сериозна загриженост, оценувајќи дека ваквата одлука испраќа негативна порака за слободата на изразување и медиумските слободи. Од АВМУ предупредуваат дека кривичното гонење на новинари за објавување информации за носители на јавни функции создава притисок врз медиумите и го ограничува правото на јавноста да биде информирана.
Случајот денеска го осуди и премиерот Христијан Мицкоски, кој изјави дека ваквите постапки претставуваат ограничување на слободата на говорот.
„Слободата на говорот е над сè. Секој напад врз новинар, без разлика дали доаѓа од политичар, јавна личност или судија, мора најостро да се осуди. Апелирам вакви случаи да не се повторуваат“, изјави премиерот.
Жалбата на Вејсели сега е пред Апелацискиот суд, а новинарската заедница со внимание ќе го следи исходот, оценувајќи дека случајот може да има далекусежни последици за медиумските слободи во земјата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

