Казнета струмичка кланица за испуштање крв во река – дали навистина знаеме што јадеме?
Струмичка кланица доби парична казна откако беше откриено дека испушта крв директно во река по колење јагниња – инцидент на кој претходно алармираа екоактивистите од регионот.
По спроведен инспекциски надзор, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) утврди прекршок поврзан со несоодветно отстранување на нуспроизводи од животинско потекло – конкретно крвта, која спаѓа во т.н. Категорија 3 според законската регулатива.
„За направениот прекршок, операторот е казнет со 2.000 евра во денарска противвредност, додека одговорното лице во правното лице ќе плати дополнителна казна од 400 евра“, информираат од АХВ.
Од таму нагласуваат дека крвта како нуспроизвод од здрави животни заклани во кланица мора да се собира и складира одделно, во посебно обележани и безбедни простории, а не да се испушта во животната средина.
Инспекциските служби наложија итна примена на сите законски процедури за правилно постапување со нуспроизводите од Категорија 3, со цел да се спречи понатамошно загадување и да се заштитат водните ресурси.
Овој случај повторно го отвори прашањето за контрола и еколошка одговорност во прехранбената индустрија, како и важноста од координирана акција помеѓу институциите и граѓанскиот сектор во заштитата на животната средина.