20 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Заменик претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска, оцени дека актуелната власт намерно го пренасочува вниманието на јавноста од суштинските економски и општествени проблеми, со цел да прикрие неуспеси во своето работење. Во гостување во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5, таа посочи дека граѓаните се соочуваат со нови ценовни шокови и економска неизвесност, додека владата, наместо решенија, се фокусира на опозицијата.
Според Каранфилова Пановска, власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ свесно се обидува да создаде внатрешни поделби во СДСМ, со цел да ја ослабне опозицијата. Таа како пример го наведе случајот со поранешниот градоначалник Петре Шилегов, оценувајќи дека ваквите ситуации се користат за политички манипулации, наместо да се отвори дебата за конкретни политики и решенија.
„Не станува збор за различни мислења или политички концепти, туку за отсуство на суштинска дебата. Не слушнавме конкретни предлози за политики, ниту критика кон власта, што укажува дека ваквите постапки не се во интерес на СДСМ, туку одат во прилог на ВМРО-ДПМНЕ“, истакна таа.
Каранфилова Пановска нагласи дека власта, наместо да се занимава со предизвиците со кои се соочува државата, троши време на политички пресметки со опозицијата. Таа потсети дека ВМРО-ДПМНЕ е речиси две години на власт, но, како што рече, не успеала да реализира значајни политики или проекти во интерес на граѓаните.
„Дали има барем една нова политика или проект што го започнаа и завршија? Освен оние што ги затекнаа од претходната влада, не гледаме конкретни резултати. Во меѓувреме, животниот стандард на граѓаните се влошува, особено со новите ценовни удари предизвикани од растот на цените на енергенсите, што директно се одразува и врз цените на основните производи“, рече Каранфилова Пановска.
Таа дополнително ја критикуваше владата за, како што рече, лошо управување со јавните финансии. Според неа, државниот буџет е во сериозна состојба, со дефицит од околу 2 милијарди евра и проблеми со ликвидноста.
„Буџетот не е способен да ги сервисира ниту тековните обврски, а камоли да го поддржи стопанството. Се доцни со поврат на ДДВ кон компаниите, а 2025 година е завршена со 8 проценти помалку реализирани приходи. Во исто време, имаме нови задолжувања – една милијарда евра внатрешно и дополнителни 300 милиони евра. Останува прашањето каде завршија средствата од претходните задолжувања, вклучително и унгарскиот кредит“, посочи таа.
Каранфилова Пановска заклучи дека ваквата состојба бара фокус на реалните економски проблеми и политики што ќе го заштитат стандардот на граѓаните, наместо политички дефокус и внатрешни конфликти.
Филипче: Цените растат, а Мицкоски троши народни пари наместо да преземе мерки
Украден бакарен лим од покривот на црквата „Свети Великомаченик Ѓорѓи“ во Чаир
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

