18 септември 2025
• од Тодор Вангелов
Серијата пожари што деновиве ја зафатија депониите Вардариште и Дрисла, предизвикувајќи енормно загадување на воздухот во Скопје, претставува „сериозен екоцид“ за кој директна вина носат институциите под раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Ова го изјави заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, во гостувањето во емисијата 24 Анализа на ТВ24.
„Управувањето со Дрисла и Вардариште е надлежност и на општините, и на Градот Скопје, и на централната власт. А ВМРО-ДПМНЕ управува со сите нив – и со општините Гази Баба и Аеродром, и со Град Скопје, и со централната власт“, нагласи Каранфилова-Пановска.
Таа додаде дека за владеењето на ВМРО-ДПМНЕ е карактеристично измислувањето изговори и „домашни и надворешни непријатели“ секогаш кога не постои капацитет за решавање на реалните проблеми.
„Најлесно е, кога сте неспособни да се справите со проблемите, да измислувате непријатели. Тоа е сценарио што секогаш се повторува кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт. Наместо да признаат дека немаат капацитет, тие го префрлаат проблемот на други. Но надлежните луѓе кои ги водат ресорите мора да сносат одговорност, а Владата итно да преземе мерки“, порача таа.
Каранфилова-Пановска остро ги критикуваше изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој прво го минимизираше проблемот, потоа го претстави како „хибридна закана“, а денеска, како што рече таа, ја префрла вината на неидентификувани „други“.
„Неодговорно е премиерот Мицкоски, на еден таков екоцид од кој четири дена не можевме да дишеме, прво да вели дека ‘не е баш така’, дека е од некаква рефлексија, па потоа да зборува за хибридни закани, за на крај да слушнеме сосема друга верзија. Ова е класично релативизирање и прикривање на проблемите“, оцени Каранфилова-Пановска.
Таа апелираше владата и институциите наместо со изговори и обвинувања да се соочат со последиците и да изнајдат трајни решенија за управување со депониите и заштита на здравјето на граѓаните.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден