18 септември 2025
• од Гоце Кически
Заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска, во синоќешната емисија „24 Анализа“ на телевизијата 24 изјави дека двојното убиство во Велес е само уште еден во низата трагични случаи во последните 15 месеци, кои според неа ја покажуваат неспособноста на институциите под водство на ВМРО-ДПМНЕ да ја заштитат безбедноста на граѓаните.
„Некој неработењето на институциите го платил со живот. Бараме политичка одговорност од министерот за внатрешни работи Тошковски затоа што во низа од шест-седум месеци се редат случаи во кои МВР е одговорно. ВМРО-ДПМНЕ покажува тенденција да ги игнорира проблемите, да ги става под тепих и да ги покрива со измислени политички манипулации,“ изјави Каранфилова-Пановска.
Во врска со убиството на младата девојка од Велес, таа нагласи дека Центарот за социјални работи и Подрачната единица на МВР во градот имале обврска да направат анализа и да предвидат ризици, бидејќи жртвата претходно неколку пати пријавувала насилство.
„Трагичниот настан со фемицидот и двојното убиство покажува историја на насилство кое не било санкционирано од институциите. Подрачната единица на МВР во Велес, иако знаела за пријавите, не презела сериозни мерки за да го спречи исходот. Затоа бараме политичка одговорност од министерот Тошковски, независна истрага и кривична одговорност за сите полициски службеници и вработени во Центарот за социјални работи кои со своето непостапување придонеле до ова брутално убиство,“ додаде таа.
Каранфилова-Пановска потсети дека во времето на СДСМ, прашањето за родово-базираното насилство било третирано со сериозна посветеност.
„Фемицидот беше вметнат во Кривичниот законик како посебно кривично дело, кое јасно дефинира што и како треба да се постапува за да се спречат вакви случаи. Жртвите беа заштитувани и преку мерки на Министерството за труд и социјална политика, како и преку функционирање на шелтер-центри. Денес гледаме дека тоа не се случува – нема ниту еден денар предвиден за шелтер-центрите,“ истакна таа.
Според Каранфилова-Пановска, најновите трагични настани ја потврдуваат потребата од преземање политичка и институционална одговорност, особено на Министерството за внатрешни работи и министерот Тошковски.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден