Кјучук: ЕУ мора да се проширува, но С. Македонија да ги внесе Бугарите во Уставот и да се реформира
Европската Унија треба да продолжи со проширувањето, но истовремено мора да спроведе и длабоки внатрешни реформи, порача бугарскиот европратеник Илхан Кјучук на форумот „ЕУ се среќава со Балканот“, кој се одржува во Софија. Настанот е организиран од Европскиот либерален форум, партијата АЛДЕ и Атлантскиот клуб на Бугарија.
На форумот присуствуваат значајни европски и регионални фигури, меѓу кои и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, градоначалникот на Софија Васил Терзиев, како и еврокомесарката за проширување Марта Кос. Свое учество имаат и претставници на владите од Турција, Романија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора, како и пратеници и експерти од Бугарија.
Во своето обраќање, Кјучук нагласи дека Унијата мора да биде искрена кон земјите од Западен Балкан, но и дека самите кандидати треба да покажат вистинска политичка волја и подготвеност за реформи. Специјално за Северна Македонија, Кјучук изјави дека е неопходно земјата да ги исполни преземените обврски и да ги внесе Бугарите во својот Устав – услов што, според него, е клучен за напредокот на Скопје кон членство во ЕУ.
„Не може ЕУ да продолжи да дава ветувања без рокови, без конкретни резултати. Процесот на проширување мора да биде заснован на принципи и исполнети обврски. Северна Македонија мора да покаже подготвеност за реформи, а дел од тој процес е и уставното признавање на бугарската заедница,“ изјави Кјучук.
Тој додаде дека Софија секогаш се залагала политиката за проширување да биде во сржта на европската агенда, но и дека дискусијата за иднината на ЕУ мора да биде искрена, отворена и базирана на реални чекори.
Форумот во Софија се одржува во критичен момент за европската интеграција на регионот, со засилени повици за конкретни резултати и за појасна перспектива за земјите-кандидати. ЕУ, како што посочија учесниците, не смее да дозволи процесот да стане симболично ветување без вистински напредок.