11 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Инцидентот што се случи во скопската населба Бањани ја вознемири јавноста откако во полицискиот билтен беше наведено дека возач на автобус му нанел тешки телесни повреди на 79-годишен патник. Сепак, од Јавното сообраќајно претпријатие Скопје излегоа со официјален демант, тврдејќи дека станува збор за вербална расправија, а не за физички напад.
Од ЈСП Скопје информираат дека по спроведените внатрешни проверки и разговори со возачот и очевидци, не е утврдено физичко насилство.
„По исказите кои службите на ЈСП Скопје ги добија од возачот и двајцата сведоци присутни на настанот, не станува збор за физичка пресметка, туку за вербална расправија. При симнување од автобусот, патникот се здобил со повреди, но не од страна на возачот“, се наведува во соопштението на претпријатието.
Наспроти тврдењата на ЈСП, од СВР Скопје информираа дека вчера (09.01.2026) околу 08:30 часот било пријавено насилство. Според полициската пријава, М.В. (79) од Бањани бил физички нападнат од Г.Г., возач на автобус на линијата број 61. Во првичните информации објавени во медиумите беше наведено дека старецот се здобил со тешки телесни повреди по расправија која настанала откако се симнал од автобусот.
Од ЈСП апелираат јавноста да не избрзува со заклучоци додека трае истрагата и истовремено потенцираат дека ќе постапат согласно закон доколку се утврди одговорност.
„ЈСП Скопје се оградува од какво било непрофесионално или насилно однесување и доколку се утврди одговорност на вработен, ќе бидат преземени соодветни мерки“, соопштуваат од претпријатието.
Надлежните институции продолжуваат со утврдување на фактите, а клучно ќе биде да се разјасни дали повредите на 79-годишниот скопјанец настанале како последица на пад или како резултат на физички удар.
Левица: Пратениците повторно испумпале 14,4 милиони денари за патни трошоци
14,4 милиони денари за патување: Пратениците се возат на грбот на граѓаните
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

