12 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Пратеникот Илир Хасани остро реагираше на изјавите на претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Дарко Костадиновски, оценувајќи дека неговите ставови изразени на денешната седница претставуваат антиалбански позиции и директен удар врз мултиетничкиот карактер на државата.
Според Хасани, јазикот и пристапот што ги покажал Костадиновски не може да се сметаат само за грешка, туку за сериозен проблем што ја доведува во прашање улогата на институцијата која треба да го штити уставниот поредок.
„Антиалбанските ставови изразени денес на седница од претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија – г. Костадиновски, треба да бидат осудени, а не само критикувани“, истакна Хасани.
Тој додаде дека изјавите и пристапот на претседателот на Уставниот суд покажуваат исклучувачки и националистички дух, што, според него, директно се коси со улогата на првиот човек на оваа институција – заштита на уставноста, еднаквоста и правата на сите граѓани.
Хасани нагласи дека самото име на институцијата – Уставен суд – подразбира заштита на уставниот поредок за сите граѓани и за сите народи кои ја сочинуваат државата, а не само за еден народ или еден јазик.
Во својата реакција тој повика и албанските судии во Уставниот суд да реагираат и, доколку е потребно, да покренат постапки за институционална дискриминација.
„Молкот пред ваков јазик само го нормализира“, рече Хасани.
Според него, за вакви прашања треба да се зборува без разлика на партиската припадност, бидејќи држава која претендира да биде демократска и мултиетничка не може да толерира пристап што уставниот поредок го сведува на моноетничка перспектива.
Хасани оцени дека со своите ставови Костадиновски покажал дека не постапува како заштитник на уставноста и правниот поредок, туку како фигура која со националистичка реторика ги поткопува темелите на државата и соживотот.
„Ако зборуваме за сериозни реформи во судството, тие треба да започнат токму од врвот на институциите. Претседател на Уставниот суд со вакви позиции не може да биде гарант на уставниот поредок и еднаквоста“, нагласи тој.
На крајот, Хасани порача дека доколку од коалицијата ВЛЕН изберат да молчат за ова прашање, тоа е нивен избор, но дека останува обврската да се реагира против неправдата.
„Имаме должност да го кренеме гласот, бидејќи молкот пред неправдата значи соучесништво“, заклучи Хасани.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

