29 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Околу 3.000 граѓани од Куманово, кои во изминатите години работеле во воени жаришта во Ирак и Авганистан, се соочуваат со сериозен финансиски удар. Управа за јавни приходи од нив бара да платат високи суми данок на личен доход за 2020 година – освен ако не достават доказ дека данокот веќе бил платен од страна на меѓународните компании што ги ангажирале.
Барањата доаѓаат пет години по завршување на фискалната година, што кај засегнатите предизвика шок, страв и чувство на правна несигурност. Во петокот, револтирани граѓани масовно излегоа на протест пред канцелариите на УЈП во Куманово, порачувајќи дека државата врши притисок врз сопствените граѓани.
Работниците, кои биле ангажирани од американски и регионални компании – контрактори и субконтрактори на американското Министерство за одбрана – велат дека со години не добиле никакво известување за наводни даночни обврски.
„Државата требаше да нè извести по завршувањето на секоја фискална година, а не пет години подоцна да ни бара документи за 2020 година“, вели еден од засегнатите. Тој посочува дека иако месечно заработувал меѓу 5.000 и 10.000 долари, сега од него се бара да плати околу 4.000 евра данок само за шест месеци, а вкупно над 17.000 евра со пресметки и за наредните години.
На протестот, демонстрантите истакнаа дека не се против плаќање данок, но не прифаќаат селективна примена на законите и, како што велат, уцени маскирани како „информативни пресметки“.
„Ова не е редовна даночна постапка, туку лов на пари за полнење на државната каса“, изјави Зоран Наковски, еден од организаторите на протестот. Тој нагласи дека илјадници семејства опстанале благодарение на овие приходи, со кои се граделе домови, се школувале деца и се одржувала локалната економија.
Голем дел од работниците се повикуваат на член 5 од Законот за данок на личен доход, според кој не се сметаат за даночни обврзници ако не престојувале 183 или повеќе дена во Македонија во текот на годината.
„УЈП бара доказ од МВР за влез и излез од државата, но од таму ни одговорија дека не чуваат електронски записи. Истовремено, не ни ги признаваат печатите во пасошите“, сведочи друг засегнат граѓанин.
Тие тврдат дека приходите веќе биле оданочени во странство и дека сегашните барања претставуваат класичен пример на двојно или тројно оданочување.
Дополнителен сомнеж кај граѓаните предизвикува фактот што даночната обврска за 2020 година застарува на 31 декември 2025 година. Тие тврдат дека токму поради тоа УЈП сега масовно испраќа опомени – дури и по електронска пошта – со цел итна наплата.
Еден од засегнатите, поранешен столар кој моментално е невработен веќе четири години, вели дека нема финансиска можност да ги плати побаруваните суми. „Само за шест месеци ми бараат 2.700 евра, а со другите години износот надминува 7.000 евра. Камата има секој ден. Ова е финансиски крах за мене“, вели тој.
По силните реакции во јавноста, директорката на УЈП, Елена Петрова, изјави дека не станува збор за ретроактивно оданочување, туку за законска обврска што отсекогаш постоела.
„Тоа што во минатото не била доследно применувана не значи дека не постоела“, порача Петрова, додавајќи дека законот мора да важи подеднакво за сите.
Сепак, останува нејасно кој ја сноси одговорноста за тоа што илјадници граѓани не биле навремено известени. Прашањето за институционалниот пропуст, како и можните последици врз семејствата што сега се соочуваат со енормни долгови, засега останува без јасен одговор.
Вселенскиот Патријарх ја пофали Бугарија за еврото со ликот на Свети Иван Рилски
Бујар Османи: Албанците се понижувани и заплашувани во државна институција
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

