05 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Александар Вулин, еден од најконтроверзните политичари во Србија и идеологот зад концептот на „српскиот свет“, повторно се најде во центарот на вниманието на македонската јавност. Познат по своите националистички изјави и блискоста со режимот на Александар Вучиќ, Вулин е личност која често ги предизвикува соседните држави со своите ставови за регионалната политика и идентитетските прашања.
Како поранешен министер за одбрана, министер за внатрешни работи и директор на Безбедносно-информативната агенција (БИА), Вулин е еден од најгласните промотори на идејата за „српски свет“ – политички и културен концепт кој повикува на обединување на сите Срби, без разлика каде живеат. Според него, Белград треба да биде центар на сите Срби, а процесот на создавање „српски свет“ е „непосреден и неповратен“.
Овој концепт наиде на силни реакции во регионот, бидејќи многумина го сметаат за обид за повторно наметнување на хегемонија и влијание на Србија врз соседните држави.
Во неколку наврати, Вулин даде изјави со кои ги омаловажи Македонците и македонската држава. Тој изјави дека „Северна Македонија треба да го смени јазикот заедно со името и историјата, како што бараат Бугарите“, нарекувајќи ги Северномакедонците „луѓе без зборови за чест и благодарност“.
Во друга изјава, тој истакна дека „Северномакедонците знаат дека нивниот глас не значи ништо, дури ни кога станува збор за нивното име или јазик, а уште помалку за Србите“, додавајќи дека барем можеле да се воздржат „доколку не можат да ја поддржат Србија“.
Овие ставови предизвикаа негодување во македонската јавност, бидејќи дојдоа од политичар кој официјално ја претставува Србија и кој, преку својата реторика, често ја поврзува судбината на балканските народи со српскиот национален интерес.
И покрај контроверзите, Вулин и неговото движење – Покрет социјалиста – одржуваат блиски односи со македонската партија Левица. По последните локални избори, од Левица упатија порака:
„Искрена благодарност до нашите другари во Србија – Покрет социјалиста и до претседателот Александар Вулин за поддршката и срдечната честитка по повод успехот на #Левица на локалните избори.“
Во својата изјава, Левица нагласи дека нивните партии ги обединува заедничката борба за социјална правда, антифашизам и враќање на суверенитетот во рацете на балканските народи – идеали кои, според партијата, се темел на политичката и економската независност на регионот.
Оваа размена на честитки ја потврдува идеолошката поврзаност меѓу Вулин и Левица, особено во нивниот заеднички настап против западното влијание и во корист на регионален суверенитет. Левица останува посветена на идејата за „ослободен и обединет Балкан“, каде што народите без посредници ги решаваат своите проблеми.
Сепак, за многу аналитичари ова пријателство отвора прашања: дали зад реториката за „суверен Балкан“ се крие обид за ширење на српското политичко влијание, под идеолошка маска на левичарство и антиимперијализам.
Александар Вулин останува симбол на националистичката и идеолошка политика која ја промовира Србија во регионот. Неговите изјави за Македонија и Македонците, и покрај накратката топлина во односите со Левица, го покажуваат контрастот меѓу декларативното пријателство и подлабоките политички амбиции на концептот наречен „српски свет“.
Исламски предавач: Срамота е муслиманка да се прегрнува со момче кое носи шајкача
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

