25 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Џелал Хоџиќ, претседателот на СДА Македонија, во своја јавна реакција остро го критикуваше односот на македонските институции, медиуми и политичари кон одбележувањето на настани што, според него, ја прикажуваат Македонија како дел од „српскиот свет“.
„Во македонската историографија овој настан се оценува како почеток на српската окупација над Вардарска Македонија,“
напиша Хоџиќ, алудирајќи на неодамнешното одбележување на битката кај Зебрњак.
Тој посочи дека настанот во сред Северна Македонија се одбележува во присуство на вицепремиер во македонска влада и рускиот амбасадор, додека од другата страна, владее целосен молк од политичката и медиумската елита.
Хоџиќ реагираше на, како што вели, молкот на ‘дежурните патриоти’ во македонската политичка елита, како и на молкот кај мејнстрим медиумите, кои „секој ден ја бранат државата од Бугарија, Албанците и од ‘внатрешните предавници’“, но сега не кажуваат ништо.
„Имате молк од македонската олигархија за економските последици од изолацијата на државата од ЕУ, а интеграцијата во ‘српскиот свет’.
Молк, цензура, како во најцрните денови на комунизмот!“
Претседателот на СДА Македонија додаде дека постои молк од сите пропагандисти и ботови кои „со месеци на сите телевизии, весници, радија и портали го релативизираа европскиот извештај во кој влијанието на ‘српскиот свет’ беше спомнато во негативен контекст.“
„Власта на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не смее да зуцне на продуцентите на големосрпските наративи кои Северна Македонија ја претставуваат како Стара Србија.“
Хоџиќ во истата реакција се осврна и на двосмислениот однос на движењето ЗНАМ, споменувајќи го градоначалникот Максим Димитриевски, за кого вели дека „не знаат дали да објават повеќе слики со рускиот амбасадор или со претставници на ВЛЕН“, кои му дадоа поддршка за вториот круг на изборите.
Хоџиќ забележа дека руската амбасада во Македонија годинава се има појавено на повеќе настани во Куманово отколку што, како што вели, целата Влада на Северна Македонија има усвоено реформски закони што ја доближуваат државата до ЕУ.
Во продолжение, тој обвини дека во јавниот простор се шири наратив со пораки како
„ЕУ не нѐ сака“, „ЕУ нема да се проширува“, „Бирократите од ЕУ…“, „ЕУ ќе се распадне“ –
со цел, како што напиша, да се подготви македонската јавност за откажување од европскиот пат и прифаќање на интеграција во ‘српскиот свет’.
Во завршниот дел од својата објава, Џелал Хоџиќ со иронија напиша:
„Очекувано е кога во Подгорица и Тирана ќе има прослава за две-три години за членство во ЕУ на Албанија и Црна Гора,
во Скопје да се спрема прослава со Цеца за ‘реинтеграцијата на Јужна Бановина во српскиот свет’.“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

