24 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Политичарот Хоџиќ остро реагира по завршувањето на локалните избори, оценувајќи дека земјата се движи кон сериозна општествена и политичка криза. Според него, изборите со најниска излезност досега, над 50.000 неважечки ливчиња и рекордна апатија кај граѓаните покажуваат дека довербата во институциите и политичките партии е во драматичен пад.
„Да имаме градоначалник на главниот град избран со помалку од 100.000 гласа е аларм кој властите го игнорираат,“ предупредува Хоџиќ, додавајќи дека медиумската пропагандна машинерија само ја продлабочува политичката одбојност кај граѓаните.
Хоџиќ ја споредува сегашната состојба со периодот по 2008 година, по неуспешниот самит во Букурешт. Иако земјата е членка на НАТО, тој смета дека државата повторно се оддалечува од европските интеграции.
Според него, реториката на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ станува отворено непријателска кон ЕУ и опасно слична на политичкиот речник на белградскиот режим.
„Кога европскиот извештај за назадувањето во државата ќе го наречеш ‘извештајче’, тоа не е политичка храброст – тоа е самосаботажа,“ вели Хоџиќ.
Хоџиќ ги посочува и последните изборни резултати како доказ за општото разочарување. ВМРО-ДПМНЕ изгубило околу 140.000 гласа за само една година, а падови бележат и нивните партнери ЗНАМ и ВЛЕН. Но, според него, ни опозицијата не успева да понуди веродостојна алтернатива.
„Кога и разочараните гласачи не гледаат спас во опозицијата – тоа значи дека политичкиот систем е блокиран,“ вели Хоџиќ.
Хоџиќ оценува дека изолационистичката политика директно се одразува врз економијата. Според него, економскиот модел во Северна Македонија е нефункционален, корупцијата е длабоко вкоренета, а државата заостанува дури и зад економиите од регионот.
„Доволно е да ги споредите платите и јавниот долг со земјите од регионот. Животниот стандард во Скопје е полош отколку во Тирана, Приштина, Подгорица или Сараево. Тоа не е случајност – тоа е резултат на системска импотенција,“ тврди Хоџиќ.
Тој додава дека политичарите и олигарсите имаат заеднички интерес состојбата да не се промени, бидејќи корупцијата е нивниот механизам за одржување на моќта.
Хоџиќ предупредува дека Северна Македонија е на раб на длабока општествена криза која ги содржи сите елементи: политичка, институционална, економска и демократска.
„Власта, со поддршка на олигархијата, ја турка државата во самоубиствена самоизолација – далеку од демократскиот свет и развиените економии,“ заклучува тој.
Според Хоџиќ, единствениот излез е итно враќање кон европските реформи, воспоставување правна држава и градење институции што ќе работат за граѓаните, а не за партиските елити.
Џелал Хоџиќ/Civil media
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

