Горивата поевтинуваат! Народот влече длабок здив... за цели 2 денари
Од ноќеска на полноќ, граѓаните ќе можат да точат поевтино гориво, откако Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука за намалување на малопродажните цени на нафтените деривати.
Според новата одлука, бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 поевтинува за 2,5 денари, додека ЕУРОСУПЕР БС-98, дизелот ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се поевтинуваат за два денара.
Од 00:01 часот на 12 април 2025 година, максималните цени ќе изнесуваат:
- ЕУРОСУПЕР БС – 95: 71,50 денари/литар
- ЕУРОСУПЕР БС – 98: 74,00 денари/литар
- ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V): 64,50 денари/литар
- Екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1): 64,50 денари/литар
- Мазут М-1 НС: 37,708 денари/килограм (цената останува непроменета)
Како што истакнуваат од РКЕ, цените што ги објавуваат се максимални, што значи дека трговците можат да ги формираат цените и пониски од утврдените, согласно пазарните услови.
Причина за ова намалување, според РКЕ, е просечното поевтинување на нафтените деривати на светските берзи, при што бензинот е поевтин за 5,777 проценти, дизелот за 5,057 проценти, екстра лесното масло за 5,078 проценти, а мазутот за 1,745 проценти. Исто така, курсот на денарот во однос на американскиот долар е понизок за 0,4851 проценти, што исто така влијае на корекцијата на цените.
Според пресметките, просечното намалување на малопродажните цени на горивата изнесува 2,40 проценти во однос на претходната одлука на РКЕ.