Германскиот доминира во училиштата – децата се подготвуваат за иднина надвор од државата
Во последните неколку години, германскиот јазик се издигнува како најпосакуван втор странски јазик за изучување меѓу учениците во основните и средните училишта низ Македонија. Причините за овој тренд, според просветните работници, се најчесто поврзани со сè почестите иселувања на семејства во Германија, Австрија и Швајцарија.
Во основните училишта во Охрид и Струга, состојбата е јасен показател за променетите приоритети на учениците и нивните родители. Директорката на ОУ „Христо Узунов“ од Охрид, Марина Ѓоргоска, вели дека дури 90 проценти од учениците во нејзиното училиште го избираат германскиот јазик како втор странски јазик. „Најголемиот интерес на учениците и родителите е насочен кон германскиот јазик. Иако има ученици кои учат и француски, бројката е значително помала“, вели Ѓоргоска.
Слична е сликата и во Струга. Астрит Мерко, поранешен директор на ОУ „Браќа Миладиновци“, истакнува дека родителите сè почесто бараат нивните деца да учат германски, а како главна причина ја наведуваат потребата за комуникација со блиски роднини кои живеат во германскоговорни земји.
Според актуелниот закон, во петто одделение училиштата спроведуваат анкета за избор на втор странски јазик, но сè почесто се случува наставниците по француски да остануваат без доволен број часови. „Имам пет паралелки, од кои четири се со германски јазик, а само една со француски. Колешката по француски ги загуби тие часови и сега предава други изборни предмети“, додава директорката Ѓоргоска.
Дополнителна загриженост создава и трендот на испишување ученици среде учебна година, поради преселување на семејства во странство. Училиштата, особено во руралните средини, се соочуваат со сериозен пад на бројот на ученици, а некои училишни објекти дури и целосно се затвораат.
Овој тренд јасно укажува на пошироките демографски и социјални промени што ја засегаат македонската образовна сцена. Германскиот јазик, од една страна, отвора можности за младите, но од друга, укажува на реалноста на иселувањето и намалувањето на ученичката популација.
Дали овој тренд ќе продолжи и кои мерки ќе бидат преземени за да се задржат учениците и наставниот кадар во училиштата, останува прашање на кое допрва ќе се бара одговор.