Филипче: Внесувањето на Бугарите не е дневна политика, туку стратешка одлука за иднината
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во вечерашното гостување во „Тема на денот“ на телевизија Сител предупреди дека европскиот процес е целосно блокиран и оставен на страна, а владејачката коалиција покажува неподготвеност да се справи со клучните државни прашања.
„Не може една Влада да владее, а притоа да не ги решава крупните проблеми во државата. Тоа води кон стагнација и назадување“, рече Филипче, нагласувајќи дека крупните одлуки мора да се носат сега, за доброто на сегашните и идните генерации, без оглед на политичката цена.
Во интервјуто, Филипче јасно истакна дека барањата од страна на Бугарија не се нови и дека секоја Влада, без разлика дали е СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ, ќе се соочеше со истите предизвици. Во тој контекст, тој подвлече дека е неопходно Бугарите да бидат внесени во Уставот на Република Северна Македонија, за да се одблокира процесот на пристапување во Европската Унија.
„Внесувањето на Бугарите во Уставот не е прашање на дневна политика, туку стратешка одлука за иднината на државата. Тоа е клучен чекор што ќе овозможи продолжување на евроинтегративниот пат и ќе ги отвори вратите за нови можности за македонските граѓани“, нагласи Филипче.
Тој апелираше на одговорност и храброст од сите политички чинители, потенцирајќи дека оваа генерација политичари има должност да обезбеди европска иднина за Македонија, наместо да ги остава нерешените прашања на идните генерации.