26 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција остро ја критикуваше актуелната власт, обвинувајќи ја дека намерно го прикажува вметнувањето на Бугарите во Уставот како „предавство“, со цел да се избегнат суштински реформи и да продолжат криминалот и корупцијата.
Според Филипче, прашањето со Бугарија е веќе завршена работа, а уставните измени претставуваат само еден од механизмите преку кои државата може да го продолжи европскиот пат. Тој нагласи дека внесувањето на Бугарите во Уставот не е отстапка што ја загрозува државата, туку чекор кој ќе ја доближи Македонија до Европската Унија – стратешка цел кон која, како што рече, се стреми со децении.
„Тоа е уште една форма на извртување на фактите и спинување, за да се претстави нешто како предавство, а во суштина да нема реформи, европски обвинители и вистинска трансформација на правосудството. Целта е да продолжи да цвета криминалот и корупцијата“, истакна Филипче, директно обвинувајќи ја власта.
Во своето обраќање, лидерот на СДСМ се осврна и на, како што ја нарече, очигледната соработка меѓу македонските власти и српската власт предводена од претседателот Александар Вучиќ и партијата СНС. Филипче оцени дека јавноста сè појасно забележува како премиерот Христијан Мицкоски се обидува да го имитира Вучиќ – од начинот на говор, преку говорот на телото, па сè до концептот на политичките изјави – поради што го нарече „малиот Вучиќ“.
Тој направи и споредба меѓу трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани и трагедијата на железничката станица во Нови Сад, потенцирајќи дека и во двата случаи постои селективна правда. Според Филипче, во случајот со Кочани има функционери од власта кои се целосно заштитени и не се опфатени со истрагата.
На крајот, Филипче повтори дека уставните измени се неопходен чекор за европската иднина на државата и дека манипулациите со ова прашање служат исклучиво за одржување на статус-квото, наместо за вистински напредок и владеење на правото.
УЈП испрати околу 10.000 покани за пријавување доход остварен во странство
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

