27 август 2025
• од Гоце Кически
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција посветена на економските политики на Владата предупреди дека состојбата со сиромаштијата во земјата е алармантна, додека институциите, како што рече, свесно одбиваат да преземат мерки за справување со инфлацијата и растот на цените.
„Она што станува сè појасно е дека оваа власт свесно ја разгорува инфлацијата, бидејќи им го полни буџетот и им ги зголемува профитите на блиските фирми. Граѓаните плаќаат, олигарсите заработуваат. Македонија се претвора во земја на сиромаштија и неизвесност“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека, за разлика од соседните држави кои редовно носат мерки за контрола на цените и заштита на стандардот, македонската влада останува целосно пасивна. „Сите земји во околината, вклучително и Србија, имаат редовни и навремени мерки за цените и инфлацијата. Кај нас тоа веќе не е тема – власта нема намера да регулира буквално ништо за да ги заштити граѓаните“, додаде претседателот на СДСМ.
Во однос на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека платите „не смееле да растат затоа што имало инфлација“, Филипче остро реагираше, оценувајќи ја како економска неукост. „Продуктивноста расте само ако платите растат – тоа е елементарна економска логика. Нашата продуктивност е 55% од европскиот просек, а платите се само 35%. Проблемот не е кај работниците, туку кај владата што ги држи платите ниски за да им одговара на бизнис-елитите“, потенцираше тој.
Филипче посочи и дека според податоците на Евростат, цените во Македонија достигнуваат 60% од европскиот просек, додека платите остануваат далеку под нивото – само 35%. „Поразително е тоа што го покажуваат последните податоци. Власта се обидува да ја прикаже економијата како стабилна, но реалноста е дека граѓаните секојдневно го чувствуваат спротивното“, нагласи лидерот на СДСМ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден