19 јануари 2026
• од Тодор Вангелов
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање остро ја критикуваше работата на актуелната влада, обвинувајќи ја дека нема вистинска заложба за спроведување на реформите неопходни за европската иднина на државата.
Според Филипче, наместо фокус на реформската агенда и приближување кон Европската Унија, власта се грижи исклучиво за бизнис-интересите на тесен круг луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
„Тоа што ништо не исполнија од договореното досега и тоа што еве полека ја разоткриваме нивната власт, покажува дека станува збор за еден голем бизнис за мала група на луѓе блиска до ВМРО-ДПМНЕ. Тоа значи дека немаат намера да сработат нешто од реформската агенда“, изјави Филипче.
Тој нагласи дека граѓаните треба јасно да разберат оти со оваа влада не може да се очекуваат суштински реформи, туку само, како што рече, „лажна пропаганда“ зад која се кријат приватни интереси.
„Сѐ е една лажна пропаганда со цел нивните бизниси во позадина да продолжат. Нема збор за сомнителниот капитал од АЛТА банка, нема збор за 161 милионски тендер доделени на компании регистрирани вчера, на луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ, ниту за средбите на вицепремиерот со луѓе блиски до Путин. Премиерот зборува за реформска агенда, но требаше веќе многу работи да се случат. За жал, сега сето тоа е разоткриено“, рече лидерот на опозицијата.
Филипче дополнително посочи дека владата сериозно ја закочила европската перспектива на државата. Тој потсети дека за 2025 година биле планирани 12 клучни закони поврзани со европската агенда, но бил донесен само еден, и тоа, како што рече, парцијално и без целосно вградување на препораките од Европската Унија.
„Ова е јасен доказ дека тие сакаат само формално да покажат дека нешто се работи, колку да се каже дека има активност според временската рамка, но не и вистински да се спроведат реформите“, истакна претседателот на Социјалдемократски сојуз на Македонија.
Социјалдемократскиот сојуз, како што порача Филипче, ќе продолжи да ја разобличува, како што ја оцени, „анти-реформската и клиентелистичка политика“ на актуелната власт и да се залага за вистински реформи и јасна европска иднина за државата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

