12 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција остро предупреди дека актуелната влада на ВМРО-ДПМНЕ веќе спроведува политичко и институционално сценарио идентично на она што со години се применува во Србија под водство на Александар Вучиќ. Според Филипче, станува збор за опасен модел на владеење кој се темели на насилство, корупција и системски притисок врз институциите, медиумите и граѓаните.
Филипче нагласи дека овој модел не е нов и дека јавноста веќе подолго време е предупредувана дека се преземаат истите практики како во Србија. Тој посочи дека коруптивниот систем кој со децении функционира таму, резултирал со трагични последици, како случајот во Нови Сад, каде поради корупција животот го загубија 16 лица. Според него, слична трагедија Македонија ја доживеала во Кочани, каде загинале 64 луѓе, исто така како резултат на нефункционален и корумпиран систем.
На прес-конференцијата, Филипче се осврна и на почетоците на масовните протести во Србија, потсетувајќи дека по првиот студентски марш организиран од Факултетот за драмски уметности, мирните демонстранти биле нападнати од непознати лица со стапови и палки, кои подоцна биле идентификувани како членови на владејачката Српска напредна странка.
„По тие настани следуваа напади врз новинари, газење студенти со автомобили, физички пресметки со неистомисленици низ целата земја, насилни апсења на мирни демонстранти, постојани полициски притисоци, контролирано обвинителство и дејствување на криминални групи. По сето тоа, Србија се крена. Протестите траат веќе една година, а студентите бараат избори повеќе од шест месеци. Вучиќ не смее да ги распише, бидејќи знае дека ќе ги изгуби полугите на моќ и дека ќе мора да одговара, заедно со неговите партиски послушници“, изјави Филипче.
Тој предупреди дека Македонија веќе еднаш го поминала овој пат и дека последиците биле сериозни. Според него, идентично сценарио се одвивало пред десет години за време на владеењето на Никола Груевски и Сашо Мијалков, токму под водство на истата партија – ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова е истото ВМРО-ДПМНЕ кое и денес ја крои судбината на Македонија. Груевски, иако физички отсутен, од Будимпешта продолжува да има влијание врз процесите во државата“, нагласи Филипче.
Социјалдемократскиот лидер порача дека нападите врз новинари и притисоците врз критичката јавност се јасен сигнал дека српското сценарио веќе започнало и во Македонија, повикувајќи на будност, демократски отпор и заштита на слободата на медиумите и граѓанските права.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

