23 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Лидерот на Социјалдемократски сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска на прес-конференција во Собрание на Република Северна Македонија остро ја критикуваше претседателката Гордана Сиљановска Давкова, обвинувајќи ја дека застанала на страната на, како што рече, „најкорумпираната и криминална влада во историјата на државата“.
Филипче изјави дека со денешниот говор на претседателката се потврдуваат предупредувањата на СДСМ од изминатите месеци дека актуелната власт ја води државата кон меѓународна изолација и целосно го затвора европскиот пат на Македонија. Според него, не само што нема да има вистински реформи, туку земјата влегува во период на сериозна политичка и економска криза.
Тој изрази жалење што претседателката, наместо да застане на страната на мнозинството граѓани кои ја поддржуваат европската интеграција, дала поддршка на, како што ги нарече, „квази-реформи“ и делумни законски измени. Особено остри беа критиките за реформите во правосудството, за кои Филипче тврди дека ќе доведат до дополнителна партизација и поставување на партиски судии и обвинители, со цел продолжување на коруптивните практики.
Во економскиот дел од обраќањето, Филипче предупреди дека граѓаните ги очекува тежок период, со најавено поскапување на електричната енергија, што ќе предизвика раст на цените во сите сектори. Тој посочи дека нема договор за раст на платите, дека Социјалниот совет не донел резултати и дека нема да има зголемување на платите ниту во образованието, ниту во здравството, ниту во другите сектори. Дополнително, според него, нема да има подобрување ниту кај социјалните трансфери и поддршката за најранливите категории граѓани.
Филипче алармираше и за сериозни проблеми со државниот буџет, наведувајќи дека постои „дупка“ од околу една милијарда евра, која, како што рече, ќе се покрива со нови задолжувања. Тој посебно го спомена и губењето на над 100 милиони евра од ИПАРД програма поради коруптивни практики, што, според него, директно ги погодува земјоделците и остава голем број семејства без финансиска поддршка.
На крајот, лидерот на СДСМ оцени дека поддршката што претседателката ѝ ја дава на Владата ја турка Македонија во целосна изолација, со енергетски кризи, без структурни реформи и со продолжен одлив на млади луѓе кои секојдневно ја напуштаат земјата.
Социјалната Помош и Пензискиот Фонд на Работ на Колапс – Што Да Очекуваме?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

