16 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека партијата преку интензивна политичка борба, објавување факти и докази, ќе ја разоткрие, како што рече, недемократската и криминогена власт на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Целта, според него, е граѓаните целосно да ја дознаат вистината за корупциските скандали и злоупотребите на институциите од страна на актуелната влада.
Во интервјуто за емисијата „360 степени“, Филипче истакна дека постојат бројни теми и сериозни прашања кои мора да бидат отворени пред јавноста.
„Има многу работи кои треба да се направат за да се разоткрие оваа недемократска и практично криминогена власт на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ“, нагласи тој.
Филипче посочи дека СДСМ, заедно со антикорупцискиот тим на партијата, интензивно работи на анализа и документирање на корупциските скандали поврзани со Владата.
„Работевме интензивно на анализа и разоткривање, особено нашиот антикорупциски тим. Материјали има навистина многу и тие постепено ги објавуваме. Јавноста сè повеќе ќе биде запознавана и мислам дека на моменти ќе биде и запрепастена од тоа што го прават членови на Владата, раководители на институции и луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ“, рече Филипче.
Тој остро реагираше и на најавите за прифаќање мигранти во замена за финансиски средства, оценувајќи ги како директно предавство на националните интереси и безбедноста на државата.
Филипче се повика на, како што рече, релевантни британски медиуми како „Тајмс“ и „Телеграф“, кои објавиле дека македонската влада официјално преговарала за прифаќање одбиени баратели на азил од Велика Британија.
„Тоа значи дека луѓе кои не се прифатливи за Велика Британија, ние треба да ги примиме. Дополнително, според истите медиуми, за тоа владата ќе добива пари, поврзано со кредитирање од 6 милијарди евра. Земаме мигранти со непознат безбедносен профил, а при тоа плаќаме огромни камати. Ова е рамно на национално предавство“, истакна Филипче.
Тој порача дека СДСМ нема да молчи за ваквите, како што ги нарече, опасни политики и ќе продолжи јавно да ги разобличува сите договори и потези кои ја загрозуваат државата, европската перспектива и безбедноста на граѓаните.
Во интервјуто, Филипче посочи и дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја турка Македонија во опасна политичка зависност од Србија и Унгарија, дејствувајќи како подизведувач на интересите на тие држави.
„Поврзаноста со режимите во Србија и Унгарија не ја посочуваме само ние. Таа е наведена и во извештај на Европскиот парламент, каде јасно се говори за влијанието на српско-рускиот свет во Македонија“, рече Филипче, како пример наведувајќи го и влезот на Алта банка, за која, според него, постои забрана во ЕУ.
Тој додаде дека не е тајна логистичката и финансиската поддршка што ВМРО-ДПМНЕ ја добивала од Србија и Унгарија, потсетувајќи и на фактот дека Унгарија сè уште го штити поранешниот премиер Никола Груевски.
„Со падот на автократските режими во регионот, ќе дојде и крајот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ“, порача Филипче.
Во делот за внатрепартиските прашања, Филипче информираше дека СДСМ формира нов тим. Генералниот секретар Александар Димитријевиќ ќе остане на досегашната функција, еден од потпретседателите ќе биде кандидатот за градоначалник на Аеродром, Александар Трајановски, а останатите имиња ќе бидат соопштени по седницата на Централниот одбор.
Тој нагласи дека при изборот на новото раководство клучна ќе биде рамнотежата меѓу искуството и младоста.
ОЈО Скопје отвори предмет за „Зимзоленд“: Се испитува можна општа опасност
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

