16 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 изјави дека противењето на неговата партија кон можен „увоз“ на мигранти од Обединетото Кралство не е спротивно на социјалдемократските вредности. И покрај критиките од дел од прогресивната јавност дека ваквиот став е ксенофобичен, Филипче нагласи дека СДСМ нема проблем со луѓе кои бегаат од војни и сиромаштија, туку со, како што рече, организирана депортација на мигранти во замена за финансиски надомест.
„Ние немаме никаков проблем со мигранти коишто имаат мака и доаѓаат од некаде“, изјави Филипче, но додаде дека во конкретниот случај станува збор за луѓе кои би биле депортирани во Македонија „за пари“, со што, според него, би се увезле и безбедносни и социјални проблеми. Тој се повика на искуствата на Велика Британија и други западноевропски земји, каде, како што рече, миграциските политики веќе создаваат сериозни предизвици.
Во разговорот, новинарот на „360 степени“ забележа дека ваквиот пристап наликува на политиките на лидери како Виктор Орбан и Доналд Трамп, кои често ги критикува прогресивната јавност. Филипче го отфрли тоа споредување, истакнувајќи дека клучниот проблем е нетранспарентноста на Владата.
„Зошто Владата не ја кажува вистината? Зошто вакви договори прави под маса?“, праша Филипче, обвинувајќи ја власта дека ја спинува темата и избегнува јасен одговор. Тој посочи дека постојат институционални механизми за утврдување на вистината и побара Владата официјално да се произнесе преку резолуција во Собранието и да одговори на прашањата на британските медиуми.
Филипче нагласи дека ставот на СДСМ не треба да се поистоветува со ксенофобија. „Не сакаме да бидеме депонија на мигранти. Не сакаме. Каква врска има тоа дали сме ние социјалдемократи?“, изјави тој. На забелешката дека солидарноста и емпатијата треба да бидат дел од социјалдемократскиот пристап, Филипче возврати дека солидарност не значи свесно прифаќање луѓе кои, според него, се оценети како „неподобни“ во други држави, во замена за финансиски средства.
Тој изрази сомнеж кон тврдењата на Владата дека ваков договор не постои, посочувајќи дека нема јасен демант со официјални документи. Според Филипче, ризикот од вакви аранжмани би го сноселе сите граѓани, бидејќи евентуалните кредити и обврски би се враќале од државниот буџет. „Собранието е институцијата каде што ваквите процеси мора да се водат. Сите граѓани ќе го враќаат кредитот“, рече тој.
Филипче се осврна и на обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ, додека била на власт, донела одлука за воспоставување центар за прием на мигранти. Тој ги оцени овие тврдења како спин и појасни дека станува збор за Центар за странци – затворен тип институција под надлежност на Министерството за внатрешни работи, наменета за лица затекнати со фалсификувани или нерегуларни документи.
„Тоа нема никаква врска со мигранти. Центарот постои и сега, во општина Гази Баба, на несоодветна локација. Ние гласавме да се изгради нов, посоодветен објект“, истакна Филипче, обвинувајќи ја владејачката партија дека преку, како што рече, „фабрика за лажни вести“ се обидува да ја изврти темата и да ја дезинформира јавноста.
ОЈО Скопје отвори предмет за „Зимзоленд“: Се испитува можна општа опасност
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

