29 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска повторно упати остри критики кон владините политики за справување со економската криза, оценувајќи дека мерките се донесуваат предоцна и не ги даваат очекуваните резултати.
Одговарајќи на новинарски прашања, Филипче истакна дека Северна Македонија е единствената земја во регионот, а можеби и во Европа, каде што се воведуваат антикризни мерки, а паралелно со тоа цените на горивата продолжуваат да растат.
„Мерките се апсолутно задоцнети и нецелосни. Веќе започна спиралата на поскапување на храната. Сè е поскапо – основните прехранбени производи бележат зголемување од 10, 20, па дури и 30 проценти. Млечните производи, јајцата, маслото, овошјето и зеленчукот се значително поскапи,“ изјави Филипче.
Тој предупреди дека дури и ако дојде до намалување на цената на нафтата на светските пазари, цените на храната и основните производи нема да се вратат на претходното ниво. Според него, тоа е резултат на ненавремена и недоволна реакција од страна на Владата.
Филипче ја доведе во прашање и ефективноста на мерките што, како што рече, директно влијаат врз зголемување на цените на горивата.
„Каде на друго место има мерки што доведуваат до поскапување на горивата? Никаде. Не ми е јасно што објаснува премиерот кога вели дека ќе има само мало покачување на цената на нафтата. Исто така, велат дека ја следат ситуацијата. Што точно следат ако ништо не преземаат?“ праша тој.
Според лидерот на СДСМ, Владата не смее да биде „тивок набљудувач“, туку мора активно да интервенира за да ги заштити граѓаните од ценовните шокови.
„Граѓаните ќе почувствуваат вистинска корист само ако има реално намалување или барем ограничување на цените,“ потенцираше Филипче.
Тој заклучи дека актуелната економска политика не ги дава потребните резултати и дека се неопходни поодлучни и поефикасни мерки за ублажување на последиците од кризата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

