11 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Одлуката за стопирање на средствата од ИПАРД 3 програмата поради корупцискиот скандал во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој предизвика голема загриженост во јавноста и во економските кругови. Економистите оценуваат дека ваквиот потег претставува сериозен удар врз земјоделството – еден од најважните столбови на македонската економија – но и врз меѓународниот углед на земјата пред Европската унија.
Според пратеникот и поранешен вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи, блокадата на ИПАРД 3 програмата, која се однесува на периодот 2021–2027 година, го прекинува континуитетот на модернизацијата на земјоделството.
„ИПАРД 2 донесе над 2.300 реализирани проекти и ја позиционираше Македонија како регионален лидер во користење на европски фондови. Но, сегашната блокада загрозува повеќе од 11% од планираните инвестиции во земјоделството,“ изјави Битиќи, додавајќи дека тоа може да предизвика намалување на конкурентноста на домашното производство, губење на работни места во руралните средини и забавување на воведувањето европски стандарди.
Иако на макроекономско ниво ова претставува помалку од 1% од БДП, ефектите за земјоделскиот сектор се далеку поголеми и посериозни, предупредуваат експертите.
Поранешниот министер за финансии, Кирил Миноски, предупредува дека блокадата на средствата во износ од 128 милиони евра може сериозно да го забави развојот на руралните средини и да испрати негативен сигнал кон Брисел.
„Овие средства се клучни за модернизација, нови инвестиции и зголемување на конкурентноста на македонските производители. Ваквиот застој ја нарушува довербата на ЕУ во нашето управување со европските фондови,“ рече Миноски, изразувајќи надеж дека ситуацијата ќе се расчисти и дека програмата ќе продолжи без трајни последици.
И Битиќи апелира за брза реакција на институциите и зајакнување на контролите во системот на распределба на европските фондови.
„Доколку случајот не се расчисти навреме, Македонија ризикува целосно губење на средствата, што би имало длабоки последици врз земјоделството, руралниот развој и економијата во целина,“ предупреди тој.
Блокадата на ИПАРД 3 не е само финансиски удар врз македонските земјоделци, туку и политичко и институционално прашање кое го става под знак прашање кредибилитетот на државата во процесот на европска интеграција. Економистите се едногласни дека потребно е итно расчистување на случајот и воспоставување на поголема транспарентност и одговорност, за Македонија да не го изгуби своето место меѓу земјите кои успешно ги користат фондовите на Европската унија.
Денес ја славиме Света Анастасија – жената што не се уплаши ни од меч ни од маки
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

