10 април 2026
• од Гоце Кически
Од денеска, системот за влез и излез во Европската унија (EES – Entry/Exit System) официјално е целосно оперативен, означувајќи значајна промена во начинот на кој се контролира движењето на патниците од земјите што не се членки на Унијата. Системот ќе ги евидентира сите странски државјани што ја преминуваат надворешната граница на ЕУ – без разлика дали станува збор за копнен премин, пристаниште или аеродром.
ЕЕС, кој делумно се применуваше од октомври минатата година, воведува дигитализирана регистрација на краткорочните престои. Наместо традиционалното печатирање во пасошите, сега влезовите и излезите ќе се бележат електронски, со обработка на основни биометриски податоци, како отпечатоци од прсти и фотографија. Целта е поефикасна идентификација на патниците и попрецизно следење на дозволениот престој според правилото „90 дена во период од 180 дена“.
Од Министерството за внатрешни работи уверуваат дека се преземени сите неопходни мерки за непречено функционирање на граничните премини. Според нив, граничната полиција ќе работи со засилен ангажман и континуирано ќе ја следи состојбата, со цел да се избегнат подолги задржувања.
Од Асоцијацијата на превозници „Макамтранс“ оценуваат дека не се очекуваат значителни застои во товарниот сообраќај надвор од вообичаените, особено затоа што дел од професионалните возачи веќе се регистрирани во системот. Сепак, кај патничкиот сообраќај може да се појават одредени доцнења поради новите процедури.
Претседателката на „Макамтранс“, Билјана Муратовска, посочува дека особено важно ќе биде внимателното следење на деновите на престој во Шенген зоната, бидејќи од 10 април започнува комбинирано броење – и преку електронскиот систем и преку печатите во патните исправи, сè до целосно усогласување со новата визна стратегија.
Во практична смисла, новиот систем носи дополнителни административни чекори за македонските граѓани при влез во ЕУ, што може да значи и подолго време на задржување на границите. Исклучок, во одредена мера, ќе претставуваат лицата со бугарско државјанство, кои како граѓани на ЕУ не подлежат на овие процедури.
Експертите предупредуваат дека ваквите промени се дел од поширок процес на заострување на граничните режими во Унијата, и дека секое понатамошно одложување на евроинтегративниот процес на земјата може постепено да создава нови бариери – не само за граѓаните, туку и за бизнис-заедницата. Во тој контекст, прашањето за усогласување со европските стандарди, вклучително и уставните измени, останува клучно за избегнување на дополнителни пречки во иднина.
Албански експерт: Без Албанците, Северна Македонија ќе се распадне за 24 часа
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

