28 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Северна Македонија е пред економски и социјален колапс. Новите податоци на Федерацијата на синдикати, цитирани од МИА, откриваат црна слика за животниот стандард во земјата – дури 33,1% од работоспособното население, односно 169.082 луѓе, преживуваат со плата пониска од 30.000 денари или 487 евра месечно.
Овој алармантен факт покажува дека огромен дел од населението не може да си дозволи основни трошоци за живот, иако работи полн работен ден.
Шокантни се и бројките од Државниот завод за статистика – 73,3% од сите вработени примаат плата пониска од просечната, која изнесува 45.796 денари (744 евра). Со тоа, мнозинството граѓани на земјата се наоѓаат во постојана борба за опстанок, далеку од минималните услови за достоинствен живот.
Синдикалците предупредуваат дека според т.н. минимална потрошувачка кошница, две лица со минимални плати не можат да ги покријат основните месечни трошоци за едно просечно семејство. Потребни се најмалку 10.062 евра годишно за да се обезбедат трошоците за храна, сметки и други основни потреби.
Спротивно на тоа, минималната плата во земјата изнесува само 24.400 денари или 397 евра. Јазот меѓу приходите и реалните трошоци расте секој месец, оставајќи илјадници семејства во безизлез.
Неспособноста на државата да обезбеди достоинствени примања ја поттикнува и најголемата трагедија за земјата – масовното иселување на младите. Сѐ повеќе млади луѓе заминуваат да учат и работат во земјите од Европската Унија, па дури и во соседна Бугарија. Северна Македонија полека, но сигурно, останува без својата најважна сила – младите генерации.
Најцинично од сѐ е што токму оние што живеат добро – функционерите, политичарите, бизнисмените и експертите со надпросечни приходи – се најгласни противници на зголемување на минималната плата. Синдикатите предупредуваат дека со оваа политика државата директно ги загрозува семејствата на 169 илјади луѓе кои веќе сега не можат да ги покријат основните трошоци за живот.
Синдикатите бараат минималната плата да се зголеми на најмалку 500 евра (30.770 денари) и сите останати плати да се коригираат со дополнителни 6.000 денари заради растечките трошоци за живот. Но, дали ова барање ќе биде сослушано или пак ќе остане уште едно празно ветување во држава каде сиромаштијата станува норма?
Северна Македонија денес изгледа како држава без перспектива – каде мнозинството работи, но живее во сиромаштија, каде младите бегаат, а елитата се богати. Ако оваа црна реалност не се промени, иднината на државата изгледа сѐ повеќе како пустош без народ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден