05 април 2026
• од Станча Јаќимовски
Една година по трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани, семејствата на загинатите сè уште се соочуваат со болна неизвесност. Наместо јасни и официјални одговори за причините за смртта на нивните деца, тие продолжуваат да живеат со прашања кои остануваат без одговор.
Александар Наунов, родител кој ја изгубил својата ќерка, во име на здружението „16 Март 2025“ – Кочани, посочи дека институциите не обезбедиле транспарентни информации. На 14 јануари оваа година било испратено официјално барање до Институтот за судска медицина при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, со цел да се утврди дали се извршени токсиколошки анализи, вклучително и тестирање за присуство на цијаниди.
И покрај поминати два месеци, како што наведува Наунов, одговор не е добиен.
Семејствата претходно побарале и директна средба со претставници од судската медицина, но наместо конкретни информации, добиле само ветување за дополнителни појаснувања – ветување кое, според нив, никогаш не било исполнето.
Од Факултет за природни и математички науки било потврдено дека, по наредба на Основното јавно обвинителство во Кочани, е изготвен експертски извештај. Сепак, клучните информации – дали се анализирани токсични супстанции и кои се резултатите – не биле споделени со семејствата.
Според Наунов, институциите меѓусебно ја префрлаат одговорноста, додека родителите остануваат без суштински информации. Ова дополнително ја продлабочува недовербата и чувството дека вистината се прикрива.
Тој потсети и на тешкиот процес по трагедијата, кога телата на жртвите биле транспортирани во Скопје со уверување дека ќе се утврди точната причина за смрт. Наместо тоа, семејствата чекале со денови, без можност достоинствено да се простат со своите најблиски.
Денес, една година подоцна, тие сè уште немаат целосна слика за тоа што било анализирано и кои се конечните резултати.
„Ова не е само институционален молк, туку прашање на хуманост и одговорност“, нагласи Наунов, обвинувајќи дека информациите се сокриваат од оние кои имаат право да ја знаат вистината.
Семејствата на жртвите продолжуваат да бараат транспарентност, правда и одговорност – не само како правно прашање, туку и како основно човечко право.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

