ДУИ за дискриминацијата во УЈП: Македонците напредуваат, Албанците изоставени
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабока загриженост и силна индигнација поради резултатите од последните внатрешни конкурси во Управата за јавни приходи, оценувајќи ги како уште еден доказ за систематска дискриминација на Албанците во државните институции.
Според партијата, на интерниот конкурс одржан на 26 февруари годинава, напредувале 26 Македонци, додека ниту еден Албанец не бил унапреден. Слична слика се повторила и на конкурсот од 16 мај, каде од вкупно 41 унапредување, 40 се Македонци, а само едно лице е Албанец.
„Овие бројки не се случајни, туку резултат на намерно исклучување на Албанците од јавната администрација, што претставува кршење на Уставот, Законот за употреба на јазиците и принципите на правична застапеност“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Партијата предупредува дека оваа пракса претставува алармантен показател за враќање на дискриминаторските политики од минатото, кои го загрозуваат соживотот и мултиетничкиот карактер на државата.
„Ја повикуваме Владата итно да даде објаснување како е можно во 2025 година, во држава што се стреми кон членство во Европската Унија, да се случуваат вакви етнички нееднаквости без срам и без одговорност“, истакнуваат од ДУИ.
ДУИ најавува дека нема да молчи пред овие неправди и дека ќе преземе сите политички и правни мерки за да го спречи институционалното деградирање на Албанците. Од партијата упатуваат и апел до меѓународната заедница внимателно да ги следи овие трендови кои, како што велат, можат сериозно да го нарушат меѓуетничкиот баланс во земјата.