ДУИ: Владата на Мицковски ја промаши меѓуетничката демократија – неопходни се предвремени избори
ДУИ остро реагираат на актуелните политички случувања, обвинувајќи ја Владата предводена од премиерот Христијан Мицковски дека целосно потфрлила во одржувањето на меѓуетничката демократија – основен столб за стабилноста и долгорочната перспектива на државата.
Според партијата, со заминувањето на уште еден албански политички партнер од владејачкото мнозинство, актуелната Влада го изгубила секој легитимитет кај албанската заедница, претворајќи се во, како што ја нарекуваат, „моноетничка власт“. ДУИ предупредува дека ова сценарио било очекувано уште при формирањето на парламентарното мнозинство, за кое тврдат дека било мотивирано од, цитираме, „монструозна амбиција да се дисциплинира цел еден конститутивен народ“.
Партијата изразува сериозна загриженост од најавите на премиерот за понатамошно заострување на политичките настапи, што според нив, само ќе ја продлабочи кризата и ќе го влоши меѓуетничкиот амбиент во земјата.
ДУИ посочува дека наместо да се соочи со сопствените грешки и да ја прифати реалноста дека постои силно барање за предвремени избори, Владата демонстрира „арогантна агресивност“ преку механизми на уцени, политички подметнувања и поткуп на терен. Дополнително, од партијата алармираат за закани од владини функционери кон сите кои го критикуваат премиерот, како и притисоци врз албански, турски и други немнозински претставници во администрацијата.
„Овие очајни обиди да се добие барем некаков привиден легитимитет нема да успеат, но ќе остават сериозни последици врз меѓуетничките односи“, стои во соопштението на ДУИ. Според нив, секој ден кој Владата го поминува игнорирајќи ги албанските барања, само придонесува за дополнително оддалечување на Албанците од државните процеси.
ДУИ заклучува дека парламентарното мнозинство ги промашило стратешките интереси на државата и поради тоа е во распаѓање. Од таму повикуваат на преиспитување на политичкиот легитимитет преку организирање предвремени парламентарни избори.