12 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Демократската унија за интеграција (ДУИ) со силна индигнација го осуди видео-пораката на српската министерка Милица Ѓурѓевиќ Станковски, во која, според партијата, се повторуваат опасни тези што имаат за цел да го легитимираат српскиот окупациски период во Македонија и Косово како наводно „ослободување“.
ДУИ потсетува дека тој период бил обележан со бројни масакри врз цивилното население – и врз Албанци, и врз Македонци, како и врз православни Албанци. „Станува збор за чист историски ревизионизам, насочен кон релативизирање на окупацијата и државното насилство врз народите на регионот“, наведува партијата.
ДУИ смета дека отвореното промовирање на таков наратив од страна на член на српската влада претставува обид за институционализација на концептот на „српскиот свет“ во Северна Македонија. „Овој процес добива замав со актуелната влада во земјата,“ велат од ДУИ.
Според соопштението, особено загрижувачка е тишината на Владата на Северна Македонија, која, преку конкретни постапки, па и преку согласноста на нејзините партнери од коалицијата ВМРО-ВЛЕН, всушност го легитимира овој националистички дискурс. „Ова не е неутралност, туку јасен сојуз со проектите на Белград,“ реагира ДУИ.
ДУИ повторува дека ќе продолжи без компромис да го брани евроатлантскиот курс на државата, меѓуетничката еднаквост и историската вистина. „Никој нема право да ја препишува историјата со шовинистички пристап, а уште помалку да ја институционализира со благослов на актуелната влада,“ стои во соопштението.
Партијата завршува со порака дека ќе се спротивстави на секој обид за враќање на „фантомите на српскиот свет“ во Северна Македонија.
BULGARIA 2025: НАТО и Бугарија покажаа единство и сила во справувањето со кризи
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден