ДУИ: Новата наставна програма за историја го избришала албанскиот народ од македонските учебници
Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) остро реагира на новата наставна програма за предметот „Историја и општество“ за седмо одделение, која, според нив, претставува сериозен чекор наназад и тешка навреда за Албанците во Северна Македонија.
Во реакцијата се вели дека новиот документ, подготвен од Бирото за развој на образованието при Министерството за образование и наука, целосно ги игнорира Албанците, нивната култура, историја и придонес во заедничката држава.
ДУИ потсетува дека во претходната верзија на програмата, која беше подготвена од претходната влада, јасно било нагласено дека учениците треба да ја учат историјата на својот народ, како и на другите заедници што живеат во земјата. Таа програма ја поттикнувала свеста за идентитетот, соживотот и меѓукултурната почит.
„Во новата програма, овие содржини се избришани без никакво објаснување. Недостига секоја спомнатост на Албанците и нивната улога во историскиот, културен и општествен развој на државата“, стои во соопштението.
ДУИ смета дека ова не е обичен технички прилагоден документ, туку јасна политичка порака – обид да се создаде историја во која Албанците не постојат. Станува збор за, како што велат, намерно исклучување од заедничкиот наратив и обид да се обликува перцепцијата на идните генерации за оваа земја и нејзините народи.
„Историјата и општеството не можат да се учат со игнорирање на еден од главните народи во државата. Новата програма не само што им го ускратува правото на албанските ученици да се препознаат во учебниците, туку го поткопува и самиот напор за соживот, еднаквост и заемна почит“, предупредуваат од ДУИ.
Од таму упатуваат апел до надлежните институции да ја повлечат, како што ја нарекуваат, еднострана програма и да вратат инклузивен пристап што го рефлектира реалниот општествен и историски мозаик на Северна Македонија.
„Албанците не се невидливи – ниту во минатото, ниту во сегашноста, и не можат да бидат избришани од ниту една страница на нашата заедничка историја“, заклучуваат од ДУИ.