22 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изразува длабока загриженост за последните случувања во Уставниот суд на Република Северна Македонија, оценувајќи дека наместо заштита на уставниот поредок и правата на граѓаните, се забележува сериозно отстапување од неговата основна мисија.
Од партијата велат дека додека политичкиот субјект „Влен“ молчи и не реагира на актуелните случувања, претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, во чувствителен политички и институционален момент ја продлабочува соработката со Србија.
Според официјалните информации, делегација на Уставниот суд, предводена од Костадиновски и судијката Ана Павловска-Данева, престојувала во Белград, каде што остварила работна средба со претседателот на Уставниот суд на Србија, Владан Петров, како и со судиите Добросав Миловановиќ и Наташа Плавшиќ.
На средбата, како што информираат, била изразена подготвеност за унапредување на меѓуинституционалната соработка, која била оценета како значаен чекор во насока на зајакнување на односите меѓу двете земји. Од српска страна било потенцирано дека посетата има и симболично значење, бидејќи Костадиновски е првиот претседател на уставен суд кој го посетува нивниот суд по изборот на Петров на функцијата.
Соговорниците разговарале за надлежностите на уставните судови, процесите на донесување одлуки и актуелните предизвици, при што била истакната потребата од поинтензивна регионална соработка, особено во контекст на европските интеграции.
Сепак, од ДУИ оценуваат дека ваквите активности се несоодветни во момент кога, како што тврдат, Уставниот суд носи еднострани и неуставни одлуки кои директно ги засегаат правата на заедниците. Наместо да биде гарант на Уставот, според партијата, судот се претвора во инструмент на власта, со што се намалуваат демократските стандарди и меѓуетничката еднаквост.
„Овие постапки претставуваат опасен преседан за функционирањето на правната држава и за европскиот пат на земјата. Институциите на правдата мора да бидат независни, непристрасни и во служба на граѓаните, а не инструментализирани за политички агенди“, велат од ДУИ.
Од таму упатуваат повик до сите релевантни институции, меѓународните партнери и јавноста внимателно да ги следат овие случувања и да реагираат на, како што велат, секој обид за поткопување на уставниот поредок и стекнатите права.
„Република Северна Македонија заслужува институции што работат во духот на европските вредности, а не девијации што ја оддалечуваат земјата од нејзината стратешка определба“, се додава во реакцијата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

