18 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Демократската унија за интеграција (ДУИ) упати остри критики кон Владата, обвинувајќи ја за пасивност во услови на нов бран поскапувања на нафтените деривати и зголемени трошоци за живот. Од партијата оценуваат дека институциите не преземаат соодветни мерки за заштита на животниот стандард на граѓаните, кои, според нив, се оставени „на милост и немилост“ на економските случувања.
Реакцијата доаѓа откако Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за ново поскапување на горивата, кое стапи во сила од денеска. Од ДУИ предупредуваат дека ваквите поскапувања директно ќе се одразат врз цените на основните прехранбени производи, транспортот и вкупните трошоци за живот.
Партијата посочува дека во вакви услови недостига функционално Министерство за економија кое би се справило со кризата. „Владата треба веднаш да го разреши министерот за економија, кој очигледно нема ниту визија, ниту план за справување со економските кризи“, велат од ДУИ.
Во своето соопштение, тие потсетуваат на пакетот мерки што неодамна го предложиле со цел ублажување на ценовниот шок. Од таму ја повикуваат Владата сериозно да ги разгледа овие предлози и да ги процесуира во Собранието, ветувајќи поддршка доколку бидат усвоени.
ДУИ оценува дека предупредувањата што ги упатиле веќе се реализираат, посочувајќи на, како што велат, „владин дебакл“ со зголемување на цената на нафтата за 30 проценти. Според нив, Владата нема капацитет да управува со кризи, дури и кога тие се предизвикани од глобални фактори.
Дополнително, од партијата предупредуваат дека доколку итно не се преземат мерки, цените може да пораснат за повеќе од 10 проценти, што значително ќе ги оптовари буџетите на граѓаните.
Меѓу предложените мерки се воведување максимални цени на основните прехранбени производи или ограничување на трговските маржи, како и намалување на ДДВ за овие производи во период од три месеци. Исто така, се предлага Регулаторната комисија за енергетика да ги разгледува цените на горивата најмалку двапати неделно, во согласност со движењата на меѓународните берзи.
ДУИ бара и зголемување на минималната плата за најмалку 3.500 денари од март, наместо предвиденото покачување од 1.600 денари, со цел да се ублажи ударот врз животниот стандард на граѓаните.
Партијата апелира за итна реакција од Владата, особено во пресрет на претстојните празници Бајрам и Велигден, кога традиционално се зголемува потрошувачката.
Украден бакарен лим од покривот на црквата „Свети Великомаченик Ѓорѓи“ во Чаир
Маслото достигна 100 денари – граѓаните алармираат за поскапувања во маркетите
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

