22 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
На 17 ноември, по повод Меѓународниот ден на студентите, Министерството за дигитална трансформација го објави јавниот повик за доделување ваучери во износ од 15.300 денари за купување електронски уреди. Иако мерката беше најавувана уште од октомври минатата година, нејзината реализација повторно беше проследена со хаос, технички пропусти и големо незадоволство кај студентите.
Уште на денот на отворањето на повикот, бројни студенти се соочија со нефункционален систем, долг процес на аплицирање, па дури и целосен пад на платформата. На социјалните мрежи се појавија стотици реакции од студенти кои опишуваа долги редови, ограничен пристап до апликацијата и невозможност да го комплетираат процесот.
„Системот постојано паѓаше, чекав повеќе од еден час за да влезам, а на крај повторно ме избрка,“ пишуваат дел од студентите на интернет.
Дополнителен хаос настана кога значителен број постдипломски студенти првично добија известување дека им е одобрен ваучер, но неколку часа подоцна нивните ваучери им биле поништени. Образложението: не ги исполнувале критериумите наведени во конкурсот.
Еден анонимен постдипломец сведочи:
„Јас сум постдипломски студент и првично добив ваучер, но подоцна ми беше поништен со образложение дека не спаѓам во групата на студенти кои имаат право на државната помош. Разочаран сум од начинот на кој беше спроведена мерката, бидејќи создаде забуна и непотребен стрес кај многу постдипломци како мене.“
Според правилата на конкурсот, право на ваучери имаат само студентите од прв циклус студии кои се помлади од 29 години, независно дали се редовни или вонредни студенти.
Иако мерката беше најавена уште претходната година како поддршка за дигитализација и намалување на технолошкиот јаз меѓу студентите, нејзината реализација повторно потврди системски слабости, лоша координација и недоволна техничка подготвеност.
Студентите можат да ги искористат ваучерите до крајот на годината, но само во однапред определени продавници за електронска опрема – што исто така предизвикува незадоволство, бидејќи изборот е ограничен.
На социјалните мрежи и форумите, студентите продолжуваат да споделуваат лични искуства и критики за начинот на кој е спроведена мерката. Дел од нив истакнуваат дека државата треба подобро да ги планира дигиталните услуги и да овозможи транспарентен процес без непотребна нервоза и грешки.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

