25 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Од вкупно дваесетте добитници на студентската стипендија „Борис Трајковски“, ниту еден не е студент од албанска националност. Оваа информација ја отвори дебатата во јавноста веднаш по свечената церемонија на која претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова, им ги врачи стипендиите на избраните студенти за студии во странство.
Во своето обраќање, претседателката посочи дека секоја година многу млади луѓе ја напуштаат земјата токму поради чувството дека немаа фер можност за професионално напредување. Според неа, државата и граѓаните ја плаќаат највисоката цена од ваквите одливи на таленти.
„Знаеме дека една од главните причини за миграцијата на најталентираните млади е нивната потреба да создаваат вредности и да напредуваат, не врз основа на врски и привилегии, туку врз основа на знаење и квалитет. Драги студенти, вие сте дел од мала група млади луѓе што ние не смееме да ги изгубиме“, рече претседателката.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, исто така се обрати пред добитниците на стипендијата, истакнувајќи дека од нив се очекува по завршувањето на студиите да придонесат кон институционалниот развој и зајакнување на државните капацитети.
„Ова е охрабрување да продолжите напред со храброст, да истражувате, да создавате, да учите и да ги поместувате границите на можностите. Кога ќе дипломирате и кога свечено ќе ги фрлите капите, сетете се од каде доаѓате и кој ве поддржа на патот кон успехот“, порача Јаневска.
Студентската стипендија „Борис Трајковски“ е наменета за најдобрите студенти кои продолжуваат со образованието надвор од земјата. Вредноста на стипендијата изнесува околу 15.000 евра, при што половина од средствата ги обезбедува државата, а другата половина колеџот „City College“ од Солун.
Иницијативата за оваа стипендија започна во времето кога покојниот претседател Борис Трајковски беше на функција.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

