27 август 2025
• од Станча Јаќимовски
До средината на XXI век, Македонија се соочува со најголемиот предизвик во својата современа историја – драматично намалување на населението. Ако трендовите на иселување и нискиот наталитет продолжат, државата ќе падне под 1,5 милион жители. Тоа не значи само празни села и стареење на градовите, туку и ризик од целосна неспособност самостојно да се брани и развива. Демографските трендови зборуваат погласно од секоја политичка декларација: без млади луѓе, Македонија ризикува да стане земја на пензионери и увезени работници.
Иако членството во НАТО и потенцијалната интеграција во ЕУ беа доживеани како гаранција за стабилност, реалноста е многу покомплексна. НАТО може да заштити од надворешен напад, но не и од внатрешна ерозија предизвикана од празнењето на населението. Европа, пак, и самата се бори со демографски и политички проблеми, додека САД постепено го намалуваат своето присуство на Балканот. Русија останува со амбиции преку културни и верски врски, Кина тивко инвестира, а Турција е постојан регионален играч. Македонија останува мала точка на мапата, но со огромна геополитичка важност – премин меѓу Исток и Запад, каде никогаш не било безбедно да се стои рамнодушен.
Во 2050 година, соседите на Македонија ќе продолжат да играат значајна улога. Србија ја гради својата регионална улога, Бугарија и Грција веќе покажаа како историските прашања можат да се користат како инструмент за притисок, а Албанија со својата дијаспора и поддршка од геополитички сојузници е во подем. Прашањето е дали Македонија ќе биде субјект што самостојно ги дефинира своите позиции или само пион во туѓи игри.
Најголемата опасност сепак доаѓа одвнатре. Македонија веќе три децении бележи пад на населението, со масовно иселување на младите генерации. Податоците се алармантни: до 2050 година бројот на жители може да се намали за речиси 28%, а секој трет граѓанин ќе биде или постар од 65 или помлад од 20 години. Тоа значи криза во армијата, здравството, образованието и пензискиот систем. „Старци vs. странци“ не е само метафора, туку сценарио што може да ја обликува иднината на државата.
Овие проекции се директна критика на сите досегашни влади, кои со години ја игнорираа демографската криза. Но тие исто така треба да бидат мотив за сегашните и идните лидери конечно да преземат суштински мерки: политики за стимулирање на наталитетот, привлекување и задржување на младите, создавање услови за достоинствен живот и спречување на „белата чума“.
Во 2050 година прашањето нема да биде само кој ќе ја чува Македонија – старците или странците. Прашањето е: ќе има ли кого да чуваме и ќе сакаме ли самите да ја сочуваме земјата? Ако продолжиме да заминуваме и да ја занемаруваме, ќе ја оставиме во рацете на увезени работници и празни домови. Но ако останеме, ако ја градиме земјата на чесност, труд и знаење, тогаш Македонија ќе ја чуваат луѓето – сите генерации заедно.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден