11 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Цените на горивата во земјава бележат значително зголемување, при што дизелот поскапе за 14,5 денари по литар, а бензините за околу 5 денари. И покрај растот на цените, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во моментов Владата не гледа потреба од прогласување кризна состојба.
Зголемувањето на цените доаѓа во период на зголемени геополитички тензии на Блискиот Исток, што влијае врз глобалните пазари на нафта. Сепак, премиерот посочи дека и покрај поскапувањето, горивата во земјава и натаму се меѓу најевтините во регионот.
„Во моментов не гледаме потреба од прогласување кризна состојба. Во регионот граѓаните кај нас имаат најевтин дизел, како и бензин од 95 и 98 октани“, изјави Мицкоски.
Најавата за новите цени предизвика зголемен интерес кај граѓаните, па во текот на вчерашниот ден на бензинските пумпи беа забележани поголеми гужви. Слична состојба беше регистрирана и во дел од земјите од регионот.
Од Државниот пазарен инспекторат информираат дека не се утврдени злоупотреби или намерно криење на гориво.
„Констатирано е дека на околу 30 бензински пумпи биле потрошени залихите и привремено било прекинато точењето. По ново полнење на резервоарите, по еден до четири часа, тие продолжиле со работа“, изјави директорот на ДПИ, Влатко Стојковски.
Регулаторната комисија за енергетика и понатаму ќе продолжи да носи одлуки за цените на горивата на седумдневна основа. Засега нема планови за промена на системот со кој би се правеле дневни корекции на цените.
Во случај состојбата дополнително да се влоши, една од можните мерки за интервенција би била намалување на давачките за увоз на енергенси, вклучително и потенцијално намалување на ДДВ.
Директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, изјави дека УЈП не располага со пресметки колку би се намалиле буџетските приходи доколку ДДВ за горивата се намали од 18 на 10 проценти.
„УЈП е извршен орган. Проценките и мерките ги прави Владата, а ние ги спроведуваме преку законските решенија“, нагласи Петрова.
Од Пазарниот инспекторат најавуваат дека од денеска ќе започнат и засилени контроли во маркетите, кај увозниците и кај дистрибутерите. Целта е да се спречи евентуално неоправдано покачување на цените на другите производи поради поскапувањето на горивата.
Премиерот Мицкоски најави и средба со претставници на трговците, со цел да се разговара за ситуацијата и да се избегне злоупотреба на состојбата преку неоправдано зголемување на цените.
На светските берзи цената на суровата нафта се движи над 90 долари за барел. Иако има мало намалување во однос на вчерашните вредности, цената и понатаму е повисока од периодот пред почетокот на воениот конфликт на Блискиот Исток.
Поради неизвесноста на пазарите, некои земји во регионот веќе преземаат превентивни мерки. Така, Србија привремено го забрани извозот на нафта и нафтени деривати со цел да ги обезбеди домашните резерви.
Состојбата на глобалните енергетски пазари и понатаму ќе биде клучен фактор што ќе влијае врз движењето на цените на горивата во наредниот период.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

