20 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Универзитетската професорка и потпретседателка на Комисијата од Венеција, Рената Дескоска, изјави дека постои високо ниво на прифаќање и имплементација на препораките на Комисијата од Венеција, како во земјите што се стремат кон членство во Европската Унија, така и во оние што веќе се членки. Според неа, Комисијата има сериозен, професионален и неангажиран углед, а земјите со добра волја ги спроведуваат нејзините мислења.
„Комисијата од Венеција има сериозен кредибилитет и во Македонија. Сите препораки што доаѓаат од таму се прифаќаат со разбирање“, истакна Дескоска во интервју за „Трилинг“, одговарајќи на прашањето за степенот на примена на сугестиите во домашното законодавство.
Осврнувајќи се на судско-обвинителскиот сегмент, Дескоска нагласи дека главниот проблем не е во целината на системот, туку во начинот на функционирање и во одредени врски и влијанија што постојат во рамки на него. Таа предупреди дека генерализациите кон сите судии се неправедни, но и дека одговорноста лежи токму кај самото судство.
„Додека судиите и судовите не бидат подготвени да го отстранат ‘дивото месо’, односно поединците кои му го нарушуваат угледот на системот, сите ќе ја носат истата етикета. Судството е уставно и законски поставено како трета власт, но често не се однесува како таква. Без јасно разбирање на сопствената улога, не може да го заземе заслуженото место“, оцени таа.
Во политичка смисла, Дескоска посочи дека со поранешниот премиер Зоран Заев постоело меѓусебно разбирање во моментот на неговата оставка. Сепак, анализирајќи ги последните изборни циклуси, таа гледа загрижувачки тренд на намалена излезност и општа апатија кај граѓаните.
„На локалните избори видовме сериозен пад на бројот на гласови кај сите политички партии, како и значително намалување на излезноста. Тоа укажува на општа разочараност и апатија, што не е добар сигнал за демократијата, бидејќи нема субјект што природно ги мобилизира граѓаните“, рече Дескоска, додавајќи дека држава со слаба опозиција носи вградени ризици.
Во однос на прашањето дали актуелниот премиер Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се премногу силни или, пак, СДСМ е сè послаба, што би можело да води кон авторитарно владеење, Дескоска смета дека актуелната влада сепак е подобра од онаа во времето на Никола Груевски.
„Од тој аспект, не ги гледам сериозните проблеми што постоеја во периодот на Груевски, кога Македонија под авторитарен популизам ‘ги стегаше забите’. Но, факт е дека имаме слаба опозиција која тешко може да се спротивстави“, заклучи Дескоска.
Ѓорѓиевски најавува албански изведувач за новогодишната прослава во Скопје
Бујар Дардишта уапсен при обид за бегство на граничниот премин Долно Блаце
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

