06 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Во просториите на Институтот за јавно здравје со години бил складиран опасен хемиски отпад тежок околу десет тони. Станува збор за материјали кои потекнуваат од лабораториите на Клиничкиот центар и се користеле за различни испитувања и хемиски анализи.
Според информациите од Институтот, отпадот содржел низа штетни и токсични материи, меѓу кои тешки метали, пестициди, растворувачи, киселини и бази. Овие супстанции претставуваат сериозен ризик за здравјето на луѓето и за животната средина.
„Опасниот отпад содржи штетни и токсични хемикалии како растворувачи, киселини, бази, тешки метали, пестициди и други опасни материи. Тие може да предизвикаат сериозни последици по здравјето на луѓето како труење, иритации на кожа, проблеми со дишење, оштетување на органи, па дури и долгорочни заболувања“, изјави Марија Андоновска од Институтот за јавно здравје.
Таа не прецизираше кога точно бил откриен отпадот, но нагласи дека веднаш по неговото откривање биле контактирани Министерството за здравство и Министерството за животна средина. По преземените активности, отпадот бил отстранет според пропишаните протоколи за безбедно управување со опасни материи.
Компанијата која го спровела чистењето предупредува дека постоела реална опасност од сериозен инцидент. Според инженерот за опасен отпад Трајче Србиновски од „Екоцентар 97“, најголем дел од смесата биле растворувачи, што значително го зголемувало ризикот од запалување или самозапалување.
„Присуството на растворувачи е најголемо во смесата, па затоа опасноста од запалување и самозапалување е најголема. Само неколку проценти од отпадот се лабораториски хемикалии. Опкружувањето овде е многу сложено – во близина има домови и здравствени институции, па затоа отстранувањето на овој отпад беше клучно за здравјето на сите“, вели Србиновски.
По овој случај, уште неколку институции побарале проверка на своите простории и чистење на потенцијално опасни хемикалии. Дали ќе има одговорност за тоа што опасниот отпад со години бил чуван во здравствена установа, ќе утврдува Државниот инспекторат за животна средина.
Бугарија очекува железничката врска со С. Македонија да биде завршена до 2030 година
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

