02 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Свети Илија, еден од најпочитуваните светци во православната традиција, се празнува на 20 јули според јулијанскиот, односно на 2 август според грегоријанскиот календар. Овој голем празник има длабоки корени во македонската религиозна и народна традиција и е преполн со обичаи, симболика и верувања.
Свети Илија, познат и како Громовник, е светец со силен култен статус кај православните Македонци. Оваа негова слика како светец што го управува громот и огнот потекнува од претхристијанската традиција. Во текот на покрстувањето на Словените, православната црква го поистоветила Свети Илија со старословенскиот бог Перун – божество на грмотевиците и војната. Затоа, култот кон Илија во Македонија е продолжение на култот кон Перун и сè уште е жив во народното верување.
Според житието, Свети Илија бил од градот Тесвит, од племето Ароново, и уште од раѓање бил избран од Бога. Легендата вели дека неговиот татко, Савах, при неговото раѓање видел ангели како го повиваат во оган и му даваат да јаде пламен – предзнак за неговата огнена моќ и пророчка мисија.
Се верува дека Свети Илија не умрел, туку жив бил вознесен во небото со огнена кочија влечена од четири огнени коњи. Татнежот од неговата кочија се слуша како грмотевица. Поради ова верување, на денот на празникот не се вари жито, бидејќи се смета дека Илија е жив и присутен.
Исто така, на денешен ден, ако има грмотевици, се верува дека целата берба на ореви и лешници ќе пропадне. Овој ден се смета и за симболичен крај на летото – според преданието, „предпладне е лето, а попладне е есен“. Затоа, по Илинден, не се препорачува капење во реки и езера.
На празникот Свети Илија не се работи – особено на ниви и лозја, за да не се навлече гневот на светецот. Се верува дека тој одлучува каде ќе има дожд, а каде суша, па со почитување на празникот, луѓето се надеваат на плодна година.
Обичај е на овој ден да се јаде мед за здравје и благосостојба. Се верува дека медот изваден на Илинден е особено лековит, а во некои краишта се практикувало децата да се мачкаат со мед по образите за да бидат здрави и весели.
Многу деца се крстени со името Илија, Илијана, Илче и слични, како симбол на силата, храброста и заштитата што светецот ја носи.
Свети Илија е празник кој го спојува христијанството со длабокиот слој на старословенската митологија. Тој не е само религиозен празник, туку и ден исполнет со верувања, традиции и народна мудрост. Почитувањето на обичаите и забраните поврзани со Свети Илија се смета за знак на духовна зрелост и почит кон природата и небесните сили.