14 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Денеска православната црква го празнува споменот на Преподобната маченичка Евдокија, светителка чиј живот претставува силен пример за покајание, духовна преобразба и верност кон Бога.
Света Евдокија живеела во феникискиот град Илиопол, во времето на римскиот цар Трајан. Во својата младост таа водела развратен живот и благодарение на тоа стекнала големо богатство. Но, по Божја промисла, нејзиниот живот доживеал целосен пресврт.
Еден ден во градот пристигнал стар монах по име Герман. Тој престојувал во куќата на еден христијанин, која се наоѓала во непосредна близина на домот на Евдокија. Според својот монашки обичај, монахот ноќе читал од Псалтирот и од книга за Страшниот Суд. Неговото читање случајно го слушнала Евдокија, а зборовите за Божјиот суд и спасението длабоко ја потресле. Стравот и размислувањето за сопствениот живот не ѝ дозволиле да заспие до утрото.
Кога се разденила, таа испратила слуги да го повикаат монахот Герман да дојде кај неа. Меѓу нив се развил долг и искрен разговор за верата, покајанието и спасението на душата. Токму тој разговор станал пресуден момент во нејзиниот живот. Потресена и искрено покајана, Евдокија го замолила месниот епископ да ја крсти.
По примањето на Светото Крштение, таа направила голема жртва: целото свое богатство го предала на Црквата за да им биде раздадено на сиромасите. Ги ослободила своите слуги и робови, а самата се повлекла во женски манастир, каде целосно му се посветила на монашкиот живот.
Во манастирот Евдокија се истакнала со послушание, трпение, бдеење, молитва и строг пост. Нејзината духовна ревност и примерниот живот биле толку очигледни што по само тринаесет месеци била избрана за игуманија на манастирот.
Во манастирската заедница таа поминала дури педесет и шест години. Според преданието, Бог ѝ дарувал голема духовна благодат, па преку нејзините молитви се случувале и чуда, меѓу кои и воскреснување на мртви.
Кога кнезот Викентиј започнал гонење на христијаните, Света Евдокија била уапсена и на крајот пострадала маченички – била погубена со меч заради својата вера во Христа.
Животот на Преподобната маченичка Евдокија останува силно сведоштво дека човек, без разлика на минатото, може да се очисти преку искрено покајание и да стане сад исполнет со благодатта на Светиот Дух. Нејзиниот пример потсетува дека Божјата милост има сила да го преобрази секој човек и да го води кон светост.
Филипче: Мицкоски е чувар на столчето за враќање на вистинскиот шеф – Груевски
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

